Јован Таковски, теолог

Фрлањето на крстот не христијански

Фрлањето на крстот е преземено од грчките обичаи, исто како што презедовме и некои други обичаи што воопшто не ни се својствени, како што се палењето бадник или колењето курбан, вели Таковски.
Нововоспоставената традиција фрлање на светиот крст во вода на празникот Богојавление воопшто не е во согласност со христијанските традиции и нетреба да се прави, вели теологот Јован Таковски, професор по догматика на Богословскиот факултет на МПЦ ,Свети Климент Охридски".

Зошто сметате дека ова е спротивно на христијанските канони?
-    Овој обичај не е христијански, не е православен. Тој е преземен од грчките обичаи, исто како што презедовме и некои други обичаи што воопшто не ни се својствени, како што се палењето бадник или колењето курбан. Ваков обичај се појави во Грција кон крајот на 19 век, во периодот кога Грчката православна црква беше во најголема духовна криза. Oттаму се прошири и кај нас. Имаше обид да се прошири и во Русија, но таму го спречија. Тој воопшто не се практикува во најголемиот дел од православните земји. Се прави само во Грција, кај нас и во поново време во Србија, но пак под грчко влијание. Во другите православни земји се прославува така како што треба, само со светење вода. На Света Гора, на пример, монасите само го спуштат крстот во водата за да ја осветат и ништо повеќе.
Во моите проучување на свети Климент Охридски, на пример, никаде не сум нашол дека Богојавление се одбележува со фрлање на крстот. Тој ги повикува верниците да се причестат, да земат света вода, да ја однесат во домовите, но никогаш не му се случило да го фрли крстот во водите на Охридско Езеро. Она што се прави по нашите цркви како празнична служба е во ред, сè до моментот кога се фрла крстот. Значи ли ова дека оние верници што во близина немаат реки и езера, не можат да го прослават празникот како што треба?

Дали на ова ги предупредивте владиците од Светиот синод на МПЦ?
-    На тоа им укажував во повеќе наврати, но одговорот секогаш беше ист: како на народот да му се објасни дека ваквата традиција воопшто не треба да се прави. Ми рекоа, гледаш колку народ се собира на бреговите на реките. Оттогаш, не е ништо сменето и празнувањето оди по старо.

Имате ли чувство дека ова прослава на извесен начин се комерцијализира, дека се делат подароци, поради кои се случуваат и тепачки меѓу верниците?
-    Да. Факт е дека чинот на фрлањето на светот крст во водите е искомерцијализиран. Со тоа добива димензии што ја надминуваат суштината на празникот. Се добива впечаток како добивањето фрижидер или шпорет да е најголем мотив за фаќањето на крстот. Ја слушнав изјавата на едно момче што го фати крстот и рече дека е добар „христијанин“. Замислете, не знае ни зборот христијанин правилно да го искаже. Има многу трагикомични ситуации при ваквото празнување. Едноставно, не можам да го одобрам тоа. Затоа и никогаш досега не сум отишол на Камениот мост во Скопје да го гледам фрлањето.

Извор: Дневник