Годинашната програма на манифестацијата ќе опфати поетско-музички настани, поетско читање на Олга Несторовска од Струга, како и изложба на ликовната уметница Благица Стојковска од Скопје. Ќе биде промовиран и новиот двоброј на гласникот на „Македонските духовни конаци“ насловен „Тука е Македонија“, а посветен е на македонските народни песни, кои ја воспеваат нашата земја, како и на древните зборови во песните.

Традиционалната награда „Велја кутија“ годинава ќе ја добие писателот Јован Стрезовски за делото „Книга на животот“. Наградата „Духовен воин“, пак, за автор од Македонија ќе му се додели на Ташко Георгиевски, додека за странски автор на Стефан Влахов-Мицов од Бугарија. Оваа награда ја добиваат личностите наречени уште бескомпромисни воини за македонската кауза.

Манифестацијата ја организира асоцијацијата за културни дејности „Македонски духовни конаци“. Стружани и нивните гости ќе имаат можност да проследат уште една автентична манифестација што низ годиниве се потврди преку своите оригинални содржини.