Во Културниот центар на АЕГ, Шемов ќе се претстави со познатиот уметник Ханс Херпих

Заедничка изложба на македонскиот еминентен уметник Симон Шемов и познатиот германски автор Ханс Херпих ќе биде денеска отворена во просториите на Културниот центар при компанијата АЕГ во Нирнберг, Германија. На публиката ќе и' биде претставена селектирана ретроспектива на творештвото на Шемов, кус пресек на едно од најглавните поглавја во неговиот развоен пат, ангажманот во областа на рачно изработената хартија. Одговорен кустос за ова претставување на Симон Шемов е Ана Франговска-Стојановска, а изложбата што ќе ја отворат заменик-градоначалникот на Нирнберг, Хорст Фортер, и директорката на Националната галерија на Македонија, Маја Крстевска, публиката ќе може да ја погледне до 30 јули.

Шемов кој досега реализирал над 30 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство, со рачна изработка на хартија се занимава од 1986 година. „Преку неа, меѓу другото, вели Франговска, тој остварува една од своите животни филозофии, пантеистичката тенденција и љубовта кон природата.

„На таа своја творечка патека, тој ја надоградува и изградува креативната димензија, импулс, потреба...“ , смета таа и го опишува Симон Шемов како „мудар номадски талкач по историските и стилски периоди и состојби на умот, користејќи ги придобивките на паганството, а секако не бегајќи од традиционалното и христијанството“.

Реципроцитетната соработка на Националната галерија на Македонија со Нирнберг, на задоволство на двете страни, трае повеќе од 20 години. Галеријата реализирала повеќе македонски претставувања, меѓу кои и изложбите: „10 македонски ликовни уметници“ (1990); „7 млади македонски уметници“ (1994), Нове Франговски (2001) и др. (К.Б.)- Утрински весник