Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, оваа година по 24 пат, (од 1988 година) традиционално ја организираат студентската ИЗЛОЖБА НА ГРАФИКА.
Оваа година со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и соработка со Националната галерија на Македонија изложбата ќе се отвори на 07.04.2011 (четврток) во 12 часот, во галерискиот простор Чифте Амам.
Ќе бидат изложени графики на студентите од 3-та и 4-та година, како и селекција графики на студентите од 1-ва и 2-ра година од Катедрата по графика.
На студент/ка за најдобро изведено графичко дело во учебната 2010/11 год., на изложбата ќе биде доделена еднократна парична награда од Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ и награда – стипендија спонзорирана од директорот на „Сетком трејд“, г-ин Драган Младеновски.

Графичката изложба на студентски трудови на која Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ ја доделува истоимената награда, од 1988 година, кога и прв пат постхумно е доделена, повеќе од две децении го привлекува вниманието на студентите, но и на пошироката јавност. Од самиот почеток нејзин покровител е семејството на авторот, односно фондацијата, а од 1990 година парична награда и годишна стипендија за најуспешна студентска графика, изработена во тековната година е спонзорирана од фирмата Setkom чиј сопственик е Драган Младеновски.
Досегашни добитници на наградата се: Виолета Чаповска, Валентина Стефановска, Дејан Стојановиќ, Александар Прилепчански, Гордана Даутовска, Оливер Мусовиќ, Весна Величковска, Давид Георгиевски, Милан Андов, Александар Тасески, Александар Димовски, Јован Јовановски, Марија Најденовска, Даниела Јордановска, Гоце Трајковски, Елена Стојанова, Никола Арсовски, Македонка Величковска, Андријана Начевска, Маја Ковачевска и Горан Трпков.
Од монографијата „30 години Факултет за ликовни уметности“.