На концертите присуствуваат и деца на 20-месечна возраст


"Да се задржи вниманието на децата е многу полесно отколку што ние возрасните мислиме. Тие се како сунѓери. Малите досетки и интересните објаснувања за делата кои се изведуваат се сосема доволни за еден аниматор да го приближи концертот на најмладите", вели виолончелистот Дејан Теодосиевски


Македонската филхармонија в сабота, точно напладне, ќе одржи симфониски концерт наменет за најмладите. Ова се ретки настани кои секогаш привлекуваат огромно внимание кај децата и родителите, што беше повод и за нашиот разговор со виолончелистот Дејан Теодосиевски, еден од музичарите кој на детски концерт имал улога на аниматор. Колку децата се "благодарни" слушатели и дали изведувачите успеваат да го задржат нивното внимание е прашањето кое најчесто ги интересира родителите кои се уште не ги однеле своите деца на едно вакво доживување.

"Да се задржи вниманието на децата е многу полесно отколку што ние возрасните мислиме. Децата се како сунѓери, а тоа го чувствуваме и на детските концерти. Малите досетки и интересните објаснувања за делата кои се изведуваат е сосема доволно за еден аниматор да го приближи концертот на најмладите. Нивната возбуденост и воодушевување се чувствува во текот на целиот концерт, и за нас оркестарските уметници тоа се многу инспиративни настапи кои желно ги исчекуваме и во кои редовно уживаме", вели Теодосиевски, кој во улога на водител-аниматор во детските концерти се нашол сосема случајно. Меѓу своите колеги одамна е познат како човек кој сака да се дружи и да комуницира со најмалите што, пак, беше причината Македонската филхармонија да го покани да осмисли и води еден детски концерт.

Секој родител знае колку е тешко да се задржи целосна концентрација на децата и тоа подолг период, затоа детските бисери се она што останува во сеќавањето на музичарите.
"Секој детски концерт за нас од почеток до крај е исполнет со детски бисери и на секој концерт имаме моменти кога гледаме како некое детенце истрчува со мама до тоалетот. На секој концерт слушаме некое дете кое сака да прави муабет со сестра му и по секој концерт гледаме татковци како во раце ги изнесуваат заспаните принцови и принцези. Сето тоа се нормални и за нас пријатни ситуации", додава Теодосиевски. Возраста и концентрацијата на децата кои присуствуваат на симфониските концерти, како што вели, се многу индивидуални.

"На нашите концерти имаме "посетители" кои се на возраст од 20-тина месеци, а го ислушуваат концертот од почеток до крај. Понекогаш и големите деца не издржуваат до крајот и задремуваат со музика. Мислам дека родителите треба да им понудат на своите деца дружење со музиката и да им кажат дека многу дечиња ќе одат да слушаат "концерт" на кој многу батковци, дади, чичковци и тетки ќе им свират прекрасни песнички, а потоа да проценат дали се децата заинтересирани или не. Децата знаат многу повеќе отколку што ние мислиме..."

Лесно препознатливи теми и рефрени
Програмата на детските симфониски концерти е најразлична. Се одбираат лесно препознатливи рефрени и теми од класичната литература, дела кои децата секојдневно ги слушаат во детските емисии и филмови. За огромното значењето на детските концерти, пак, не смее да се има дилема.
"Ние(филхармоничарите) сакаме и успеваме да им покажеме на децата еден малку поинаков стил на музика. За нас е најголема радост и задоволство кога ќе заврши концертот и кога ги слушаме детските гласчиња како со возбуда раскажуваат колку убаво си поминале и кога ги прашуваат тато и мама дали пак ќе ги донесат на концерт. Тогаш знаеме дека нашата задача е успешно извршена и дека од нашиот концерт најмалите заминуваат со нови знаења, впечатоци, поттикнати да ја сакаат и ценат уметноста", потенцира Теодосиевски.

 

 http://vecer.com.mk/?ItemID=0AF97EA0D1634740B79508B6368819D3