Почитувани,
 Ве информираме дека на 29 декември 2010 година (среда) во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори самостојна изложба на Соња Димовска под наслов Соништа во длабок печат.
 Соња Димовска (р. 1974 во Скопје), дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, оддел графика, во 1998 година во Скопје, а магистрирала на истиот факултет, оддел графика, во 2005 година. Член е на ДЛУМ од 2000 година. Добитник е на повеќе награди за графика, а учествувала на повеќе од 50 интернационални графички изложби во земјава и во странство. Изложбата Соништа во длабок печат е нејзина десетта самостојна изложба. Нејзините досегашни изложби се реализирани во Скопје, Прилеп (Македонија), Дрезден (Германија) и Монца (Италија).
 На изложбата со наслов Соништа во длабок печат ќе бидат изложени 36 дела од истоимениот циклус, изработени во период 2008-2010 година. Карактеристичен момент за изложбата е тој што делата се минијатури, сите со исти димензии 12 см во дијаметар и кружна основа, изработени во традиционалните графички техники како акватинта, бакропис и сува игла, техники кои авторката најмногу ги користи во своето творештво.  Изложбата ќе биде отворена до јануари 2011 година.

 Со почит,
 Национална галерија на Македонија