Скопје, 22 декември 2010 (МИА) -  Македонскиот народен театар в петок премиерно ќе ја изведе претставата „Така било пишано“ по текст на Сашко Насев, во режија на Синиша Евтимов. Насев ја напишал драмата оваа година. На прес-конференција рече дека се работи за сценски трилер со интенција да раскаже приказна која е отворена за сите простори и може да се случува каде било.

Sashko.Nasev.pp.jpg- Главниот заплет се води околу ликот на Марија, која е епицентрален фокус на генералната фабула, која на одреден начин е врзана со четири мажи, испреплетени меѓу себе. Тие се обидуваат да создадат приказна која ќе тангира теми што, пред се, се однесуваат на страственоста на карактерите, кои секогаш имаат желба да создаваат кариера, љубовни врски и нов тип психлогии  во новите услови во кои живееме... Драмата не се занимава со големи судбини на големи епохи, туку е многу урбана приказна во која актерите играат феноменално, рече Насев.

Улогите им се доделени на Арна Шијак, Оливер Митковски, Јордан Симонов, Драган Спасов, Сенко Велинов и Софија Насевска. Екипата очекува публиката да биде задоволна колку и тие додека работат на овој нов сценски проект.

На прашањето дали очекува и оваа претставата да стане хит, како и претходните негови текстови кои имаа голем успех на сцената („Чија си“, „Грев или шприцер“), Насев рече дека драмата не е компететивен медиум и дека не се натпреварува со своите стари драми. Доволно е, како што рече, што тие поминале епохи и ги виделе две генерации.

Режисерот Евтимов, кој исто така имаше успех со поставувањето драми на сцената на МНТ („Сомнително лице“), му се заблагодари на Насев што својот драмски текст му го доверил за театарска изведба. Арна Шијак, пак, која го толкува централниот  лик (Марија) рече дека е „голем залак да се биде дел од луцидниот свет на Сашко Насев“.

Директорот на МНТ Дејан Лилиќ  соопшти дека овој месец, во кој покрај претставите од репертоарот, имаше три премиери, театарот продал околу 8.200 билети што,  како што рече, е доказ дека „МНТ живее и така ќе биде и во иднина“. 

За проектите во 2011 година ќе информира во јануари, откако ќе знае што ќе биде одобрено од Министерството за култура, но најави дека идната година покрај нови претстави ќе има и публикации, работилници, семинари и отворање нова сцена. хс/са/13:43