Скопје, 14 ноември 2010 (МИА) - Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во Македонскиот културен центар во Њујорк, Соединетите Американски Држави пред многубројните присутни гости се обрати на отворањето на изложбата на реномираниот македонски ликовен уметник Вана Урошевиќ.

Како што соопшти денеска Министерството за култура, министерката Канческа-Милевска истакнала дека изложбата, чиј комесар е Музејот на современата уметност од Скопје претствува значаен придонес кон промоцијата на високите културни и творечки вредности на македонската културна сегашност, на која особено сме горди.

Министерката за култура потсети дека со отворањето на Македонскиот културен центар во Њујорк во 2005 година, се отворија можности за наша трајна присутност и презентација на културното творештво на американскиот континет, а со тоа и можности за поинтензивна меѓународна културна соработка, афирмација и презентација на македонската култура.

Канческа-Милевска оствари средба и со еден од основачите на Македонскиот културен центар во Њујорк, Горазд Поповски со кој разговараше за идните можности за презентација на македонската култура во овој простор.

Во Њујорк, синоќа, министерот за култура Канческа-Милевска со своето присуство ја даде поддршката и на историскиот настан за македонската култура, односно деби настапот на маестро Симон Трпчески заедно со Балтиморскиот симфониски оркестар, во престижната концертна сала „Карнеги хол“.

Министерката за култура Канческа-Милевска и македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски денеска во Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон се домаќини на празничен концерт насловен „Благодарност до американскиот од македонскиот народ” кој се организира по повод Денот на благодарноста, еден од најголемите американски празници. Пред почетокот на настапот на познатиот џез и фанк изведувач Владимир Четкар, кој ќе претстави пред дипломатскиот кор, министерката за култура Канческа-Милевска ќе има и обраќање, а ќе оствари и средби со дел од присутните дипломати и конгресмени. сст/11:43