Скопје, 11 ноември 2010 (МИА) - Со филмот „Чичко Бонми кој се повикува на минатите животи“  вечер во кино „Милениум“ ќе биде отворен 9. Фестивал на европски филм „Синедејс“ кој до 18 ноември ќе понуди шеесетина филмови - играни, кратки, музички документарци, ревија на италијански филмови, како и предавања и работилници за филм.

Под мотото „Чувство на добар филм!“ ќе бидат прикажани 12 филмови  од најновата европска продукција во главната и 12 во гала-програмата и шест проекции во Балкан-линк. На програмата се и лауреатот од годинашното Берлинале „Мед“, победникот на Сараевскиот филмски фестивал „Тилва Рош“, најголемиот блокбастер во Бугарија - „Мисија Лондон“... Се очекува да гостува режисерот Рајко Грлиќ, чиј филм „Нека остане меѓу нас“ победи во Карлови Вари, како и режисерот и продуцентот на турската комедија  „Ај лав ју“.

- Кога го конципиравме фестивалот, внимававме на два аспекта - од една страна да имаме гала-програма со примамливи европски наслови и имиња, како и официјалниот, натпреварувачки дел, кој е позначаен, со имиња кои доаѓаат и кои секако ќе претставуваат нешто значајно во иднина во Европа... Ги имаме сите филмови кои значат во Кан, Берлин и во Венеција, рече на прес-конференција Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар.

Селектор на филмовите во главната програма е Бернд Будер. Филмовите од натпреварувачките програми ќе добијат симболични награди - Златна ѕвезда (за филмовите од главната програма), Златно сонце (за Балкан-линк) и плакети за најдобар актер/-ка. За нив ќе реши жирито под претседателство на Сањин Пејковиќ, режисер и професор на Академијата во Гетеборг, во кое членуваат и постпродуцентот Николас Гастер и филмскиот критичар Влатко Галевски.

Филмовите ќе се прикажуваат во кината „Милениум“ и  „Фросина“. Филмски платна ќе има и на отворено - на платото пред КИЦ и првпат годинава - автокино на видиковецот во Водно. Таму ќе има по една проекција од 23 часот. Посетителите ќе треба да се вклучат во ФМ-каналот испишан на платното и на своите авторадија да го добијат звукот на филмот што ќе се прикажува.

Новина е и акцијата за борба против пиратеријата и секој што ќе донесе пиратско ДВД влезницата за филм ќе ја плати 50 наместо 150 денари. хс/са/8:17