Авторската изложба на историчарот на уметноста Горанчо Ѓорѓиевски, под наслов „Кураторска работилница“, вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Местна галерија од Љубљана. Изложбата е замислена како едноставен проект во кој кустосот е фотографиран со одбраниот уметник во контекст на творештвото на уметникот. Во проектот учествуваат познати уметници и уметнички групи како групите „Ирвин“ од Словенија и „Зеро“ од нашата земја, потоа Урош Ѓуриќ, Атанас Ботев, Александар Станкоски, Жанета Вангели, Ирена Паскали, Ѓорѓе Јовановиќ, Мирослав Стојановиќ-Шуки, Нина Тодоровиќ, Милош Коџоман и многу други.

Изложба е финансирана од галеријата, во соработка со општината Љубљана и Министерството за култура на Словенија.

- Изложбата на македонскиот кустос спаѓа во новините на Градската галерија. Ѓорѓиевски е и композитор и изведувач - пишува кустосот на изложбата, Матеја Подлесник.

Истата изложба беше претставена пред скопската публика во октомври и ноември пред две години во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје, во галерија МЦ во Њујорк, а лани во галеријата „Ремонт“ во Белград.

Ѓорѓиевски (1973) е историчар на уметноста и кустос. Бил кустос на изложбата на „Ирвин“, Вангели, Станкоски, Атанас Ботев, Борис Шемов, Борјана Божиновска, Тома Димовски, Стојмир Веселинов, Билјана Веселинова, Тоше Ристов, Дејан Марков, Ристо Стојанов.