МИЛЕНА ПАВЛОВИЌ-БАРИЛИ
По ѕвездената трага - период 1926-1945
Прес-конференција: Даут пашин амам - 06. 09. 2010 во 11.00 часот.

отворање: Даут пашин амам - 06.09.2010 во 21.00 часот   
 


 Почитувани,

 Ве информираме дека на 6 септември 2010 година (понеделник) во 21.00 часот во Националната галерија на Македонија, објектот Даут пашин амам, ќе се отвори гостувачката ретроспективна изложба на Милена Павловиќ-Барили под наслов По ѕвездената трага, период 1926-1945.
Милена Павловиќ-Барили (Пожаревац 1909 - Њујорк 1945) е личност без преседан во српската и европската модерна уметност. Сликарка и поетеса, таа е родена во Пожаревац 1909 година, како единствено дете во бракот на пожаревчанката Даница Павловиќ Барили (Барилли), и италијанскиот композитор, музички критичар, поет и патеписец Бруно Барили (Барилли).
Најзначајниот дел од опусот на Милена настанал надвор од границите на Југославија, откаде Милена заминала во раната пролет на 1930 година. Речиси цела една деценија од својот живот и работа, таа била врзана за западноевропските уметнички метрополи Лондон, Париз и Рим, каде што другарувала и изложувала со најистакнати претставници на европската уметничка авангарда. Во самото предвечерје на Втората светска војна, во август 1939, Милена отпатувала за Њујорк, каде што останала се до својата смрт.
Покрај чисто уметничката работа, Милена во САД била ангажирана како комерцијален дизајнер, пред се како илустратор на најугледните американски модни магазини, како и во списанијата за внатрешно и надворешно уредување (екстериер и ентериер) (Вогуе, Тоњн & Цоунтрѕ, Схарм, Гламоур, Харперс Баззар). Таа соработувала и со композиторот Џан Карло Меноти (Гиан Царло Менотти), на чиј балет Себастиан ги изработила костимите во 1944. Починала во Њујорк на 6 март 1945 година.
Со изложбата на Милена Павловиќ-Барили во Националната галерија на Македонија е претставен еден исклучително значаен дел од оставнината на Република Србија, која е интегрален дел од европската и светската култура и уметност. Изложбата, на која ќе бидат претставени 105 дела на Милена Павловиќ-Барили израбтени во периодот 1926-1945 година, нејзини лични предмети и богат архивско-документарен материјал, се состои од шест секции.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија, а под покровителство на Министерството за надворешни работи на Република Србиа. Изложбата ја организираат Националната галерија на Македонија во соработка со Фондацијата Миленин дом - Галерија на Милена Павловиќ-Барили од Пожаревац, Република Србија, кои се грижат за најголем дел од оставнината на Милена Павловиќ-Барили. Комесар на изложбата е г-а Јелица Милојковиќ, кустос советник во Галеријата на Милена Павловиќ-Барили од Пожаревац.
Изложбата ќе ја отвори г-дин Драган Недељковиќ, заменик-министер за култура на Република Македонија, а ќе се обратат и г-а Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија и Н.Е. Г-дин Томислав Ѓурин, амбасадор на Република Србија во Македонија. Изложбата ќе биде отворена до 25 септември 2010.

Воедно, ја користиме оваа прилика да ве поканиме да присуствувате на прес-конференцијата по повод гостувањето на изложбата.
Прес-конференцијата ќе се одржи на 06 септември 2010 година (понеделник) со почеток во 11 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам. На прес-конференцијата ќе говорат  г-дин Драган Недељковиќ, заменик-министер за култура на Република Македонија, г-а Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија и г-а Јелица Милојковиќ, кустос советник во Галеријата Милена Павловиќ-Барили од Пожаревац. На прес-конференцијата ќе бидат презентирани детали за животот и делото на Милена Павловиќ-Барили; концепцијата на изложбата која после гостувањето во големите европски градови (Париз, Рим, Римини, Прага, Брно, Братислава, Букурешт, Парма итн.) имаме можност да ја проследиме и во Скопје; создавањето и финкционирањето на Фондацијата Миленин дом - Галерија Милена Павловиќ-Барили и соработката меѓу двете земји.
Со почит,
Национална галерија на Македонија