И Н Ф О Р М А Ц И Ј А
За отварање на самостојна изложба на академскиот сликар
ВЛАДИМИР ГЕОРГИЕВСКИ
на 9 септември 2010 г. во 18.00 часот   

во Салонот на  Друштво на бугарските ликовни уметници, Софија, Р.Бугарија

 Во организација на Националната галерија на Македонија, на 9 септември (четврток) 2010 г., во 18.00 часот во Салонот на Друштвото на бугарските ликовни уметници во Софија, Р. Бугарија, ќе биде отворена самостојната изложба на академскиот сликар Владимир Георгиевски. Изложбата се реализира во рамките на  Програмата за меѓународна соработка на Националната галерија на Македонија и Културно-информативниот центар на Р.Македонија во Софија. 
На оваа самостојна изложба ќе бидат поместени 35 дела работени во повеќе техники (масла, акрилици, акварели, колажи и скулптури изведени во обоен гипс -  висок релјеф) од повеќе фази од неговото творештво, настанати во периодот меѓу 1993 и 2010 година. Изложените дела ја отсликуваат повеќеслојната уметничка мисла на авторот, како и неговата сложена философска содржина. Имено, во севкупното творештво на Георгиевски, човекот и неговата судбина се есенцијален проблем и негова константна естетичка провокација и творечка преокупација. Иако Георгиевски минувал низ различни развојни фази на ликовна обработка, тој секогаш ја задржувал нагласената авторска оргиналност на својот идејно-содржински концепт.
Владимир Георгиевски се вбројува во редот на реномираните македонски ликовни уметници, сликар со големо, разнородно и значајно ликовно творештво со препознатлива особеност. Роден е 1942 година во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1968 год. Постдипломски студии завршил на истата Академија во 1970 год., во класата на проф. Младен Србиновиќ. Од 1983 до 2005 год. работел како професор на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Досега самостојно излагал во Скопје, Битола, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев идр., а учествувал и на голем број групни изложби организирани во земјата и во странство. 
 Изложбата ќе биде отворена на 9 септември (четврток) 2010 год. во 18.00 часот во салонот на Друштвото на бугарските ликовни уметници во Софија, Р. Бугарија, и истата ќе биде отворена до 30 септември 2010 год.

Со почит,
Маја Крстевска, директор
Национална галерија на Македонија