На 8 јуни 2010 година (вторник) во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори самостојна изложба на Тања Таневска под наслов Записи за вистината.
 Тања Таневска (р.1971, Скопје). 1996 дипломирала на ФЛУ-Скопје, отсек педагошки-сликарство, во класата на проф.Рубенс Корубин. Во 2010 магистрирала сликарство на ФЛУ во Приштина кај проф. Заке Превукај. Од 1997 е член на ДЛУМ. Учествувала на 26 колонии во земјата и странство. Учествувала на над 150 групни изложби во земјава и странство. Досега реализирала 15 самостојни изложби во Македонија, Франција, Србија, Хрватска, Германија и Словенија. Добитник е на повеќе награди.
 На изложбата Записи за вистината ќе бидат претставени шеесеттина дела – цртежи, слики и скулптури. За делата од оваа изложба, проф. Ферид Мухиќ, автор на текстот во каталогот ќе каже: “Начинот на кој се насликани овие студии на Тања Таневска ја изразува состојбата на драматична конфронтација на свесното и несвесното во нашата агонична потрага по вистината, во која дискурзивниот ум не ни е од никаква корист... Убавината, сигурноста и, особено, енергијата на овие пробиви отаде свесното и несвесното, прават сите експонати на оваа извонредна изложба да зрачат (Сигурно забележавте дека зборот “функционираат“ тука би бил сосема несоодветен!) како записи за вистината и уште, записи за тоа како да се наслика вистината! Предајте се на читањето на тие записи во кои калиграфијата на ликовното, како последна еманација на писмото, наедно го предочува изворното единство на свесното и несвесното низ кое се демонстрира чудесната способност да се разбереме себе и да комуницираме со светот.“
 
 Со почит,
 Национална галерија на Македонија