Голема изложба во Париз, која треба да даде слика на целокупната состојба на културното наследство во нашата земја, а која ќе презентира икони и артефакти ископани на локалитетите низ Македонија, ќе се одржи наредната година во Париз, а францускиот министер Фредерик Митеран најави дека ќе даде финансиска и логистичка поддршка за нејзината реализација  
  
  
Се предвидува одржување фестивал на македонскиот филм во Франција, како и организирање литературни средби на македонски и на француски писатели. Митеран најави и посета на нашата земја и изрази подготвеност француски филмски работници да снимат документарен филм за Македонија.

Ова се некои од проектите што беа договорени на средбата во Париз меѓу министерката Елизабета Канческа-Милевска и францускиот министер Фредерик Митеран по потпишувањето билатерален договор за соработка.

Митеран доби покана за учество на меѓународната конференција, која ќе се одржи во септември годинава во Скопје, во рамките на претседавањето на Македонија со Комитетот на министри на Советот на Европа. Канческа-Милевска, пак, доби покана за учество на Меѓународниот саем на книгата во Париз, а од својот француски колега доби и уверување за олеснување на постапката при прием на студенти на познатите академии во Париз.   
   
    Извор: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=56101032104&id=16&setIzdanie=21976