Вашингтон, 17 април 2010 (МИА) - По повеќе месечно планирање, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) утре ќе го инаугурира својот огранок во Лос Анџелес во чест на нашиот светски познат пијанист Симон Трпчески. 

На настанот, ОМД ќе го одликува Трпчески со Наградата за истакнати постигнувања на ОМД што се доделува на личности кои придонеле за развој на стопанството, уметноста, науката и други сфери значајни за Македонија и за Македонците во земјата и во странство.

- Овој настан следува по гостувањето на Трпчески во Филхармонијата на Лос Анџелес и во Walt Disney Concert Hall. Неговото прифаќање на нашата награда е за нас голема чест и настан од ваков калибар, со истакнат гостин каков што е Трпчески, е соодветен начин да го прославиме неговото дело, но и да го промовираме отворањето на огранокот на ОМД во Лос Ангелес, изјави претседателот на ОМД Методија Колоски.

Се очекуваат повеќе од 200 гости, не само од Лос Анџелес, туку и пошироко, од Калифорнија и од останатите делови на САД.  

- Вакви манифестации би требало во иднина да бидат секојдневие за нас Македонците, бидејќи кај нашиот народ постои немерлив талент. Дел од нашата задача и мисија како организација е посветена на промоција на се што е македонско и на промоција на нашите таленти, истакна Колоски.

Според Бобан Јовановски, новоизбран директор на ОМД одговорен за САД, отворањето на регионалните ограноци е клучен дел од агендата на организацијата со цел да се обединат центрите на македонското иселеништво во САД и во светот.

- Би ни било многу полесно да останеме во своите седишта во Вашингтон и во другите светски метрополи каде што се гради светската политика, но ние како организација сакаме да се приближиме до нашите членови, да бидеме поблиску до нив и со нив, рече Јовановски.

Засега ОМД има отворено ограноци во Вашингтон, Торонто, Парис и Мелбурн. мч/9:58