Во вторник (23 март), со почеток во 20,00 час. во Струмица, во градот на раната младост на Ристо Шишков, ќе биде одбележана 70-годишнината од раѓањето на овој бард на македонското актерство. На пригоден начин ќе му биде оддадена почит, а во прилог на тоа специјално ќе биде прикажан 39-минутниот документарен филм за Шишков "Духот на татко ми", авторски самостоен проект на режисерот Горан Тренчовски. Во ова возбудлива филмска приказна беседат дваесетина современици на Шишков и негови најблиски, роднини и соработници. Во документарецот низ бројни филмски инсерти се испреплетени и моменти од животот и делото на овој актерски великан. Настанот ќе се одржи во НУЦК Антон Панов, а во холот ќе се проектираат слајдови со Шишков. Овој настан заеднички го организираат Тивериополската филмска алијанса, Фестивалот Ристо Шишков, Кинотеката на Македонија и НУЦК А. Панов. Покровители за одбележувањето на 70-тиот роденден на Шишков се Министерството за култура на РМ и Kомисијата за култура при Собранието на РМ.
Ристо Шишков е роден во Мрсна, Егејска Македонија на 23 март 1940. Како дете е доселен во Струмица, каде го поминува младешкиот период и ги прави своите први драмски обиди, се до заминувањето на студии во Белград. По мошне плодната, но за жал, прерано завршена уметничка кариера, како носител на репертоарот во драмата при МНТ, а и како впечатлив толкувач на разновидни филмски улоги, починал на 17 јуни 1986 во Скопје. Процесот и ембаргата на кои беше подложен тој, до ден-денес останаа нерасветлени. За него се напишани една научна и една публицистичка монографија. Во 2001 и 2002 струмичката јавност во рамките на ФКТ Ристо Шишков имаше прилика да ги види сите играни филмови во кои настапува тој. Поради големиот интерес на публиката, истата вечер во 22 час. во НУЦК Антон Панов ќе има уште една филмска проекција на "Духот на татко ми" со слободен влез, а планирана е и летна скопска премиера во Кинотеката на Македонија.