Скопје, 17 ноември (МИА) - Европски филмови, концерти и музички документарци се дел од програмата на годинашното издание на Фестивалотот на европски филм „Cinedays“ кој на 20 ноември ќе биде отворен во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Фестивалот што ќе трае до 26 ноември свечено ќе биде отворен в петок со проекција на филмот „Белата панделка“ во режија на Микаел Ханеке, годинашниот добитник на „Златна палма“ на филмскиот фестивал во Кан. На 21 ноември ќе бидат прикажани филмовите „Дива трева“ од Ален Рене и „Победници“ во режија на Марко Белокио.

Средата е резервирана за романски филмови, додека фестивалот ќе биде затворен в четврток со проекција на филмот „Скршени прегратки“ од Педро Алмодовар и доделување на наградите од официјалната селекција.

Во исто време на програмата се и мјузикли меѓу кои „Напред во минатото“ во режија на Дарко Ковачевиќ и американскиот „Put the needle on the record“ од Џејсон Рем. Овој дел од фестивалот ќе биде затворен на 26 ноември со музичкиот документарец „Boye“ во режија на Бранкица Драшковиќ.

На коцертниот дел од фестивалот ќе настапат еден од најдобрите балкански бендови „Горибор“, женското хип-хоп дуо од Белград „Сајси МЦ“, македонскиот бенд „The Jonh“ и бендот од Колорадо „Wovenhand“.

Извршниот директор на „Cinedays“ Горан Апостолски на денешната прес - конференција информираше дека фестивалот ќе продолжи од 9 до 13 декември со прикажување на полски филмови.

- Жирито на фестивалот е составено од претставници од Македонија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Годинава како награди ќе бидат доделени европските ѕвезди и македонското сонце, рече Апостолски.

Оваа година, Министерството за култура на Република Македонија за фестивалот одвои 500 илјади, а Градот Скопје 700 илјади денари. Останатите средства се обезбедени од Младинскиот културен центар.

За отворањето билетот чини 300 денари, за музичките документарци 60 денари, билетите за официјалната програма се по цена од 100 денари, дневниот билет за сите проекции и концерти изнесува 150 денари. Само за концертите билетите се по цена од 100 денари, освен за концертот на „Wovenhand“ кој чини 250 денари, а цел фестивалски билет за сите проекции и концерти освен за „Wovenhand“ може да се набави по цена од 700 денари.

Заинтересираните може да купат билет на касата на Младинскиот културен центар.

До крајот на оваа година, соопштуваат организаторите, во МКЦ репризно ќе бидат емитувани неколку филмови кои ќе бидат прикажани на фестивалот. лѓ/са/13:36