Во КИЦ вечерва, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата на досега необјавени интимни цртежи (гвашеви, акварели, скици, вињети...) од основоположникот на современиот ликовен израз во Македонија, Никола Мартиноски.

Во втората половина на педесеттите година на минатиот век, тој реализира серија дела, но особено цртежи со сладострастни содржини...

На изложбата ќе бидат претставени 44 цртежи, настанати во периодот 1964/71. Овие цртежи, со финансиска поддршка на Министерството за култура тековнава година беа откупени и веќе се во трајна сопственост на Културно-информативен Центар. Каталогот за изложбата го подготви Лазо Плавевски.

Изложбата ќе биде отворена до 5 декември.

 

 

 

Вечер


         Никола Мартиноски (Крушево, 1903 - Скопје, 1973), сликар и педагог, еден е од основоположинците на македонско модерно сликарство. Дипломира на Школата за убави уметности во Букурешт, 1927. Студиски престој во Париз, 1927-1928. Бројни самостојни изложби во Скопје, од 1929, Белград, Загреб, Дижон и Париз. Член на МАНУ, на белградската група “Облик“, професор на Училиштето за применета уметност во Скопје, и директор на Националната галерија на Македонија. Добитник на наградите 11 Октомври (1959 и 1964) и АВНОЈ, 1967.
Неговото творештво, воглавно експресионистичко, извршува големо влијание во формирањето на современото сликарство во Македонија.

“Во втората половина на педесеттите година на минатиот век, тој реализира серија дела, но особено цртежи со сладострастни содржини... Овие цртежи (гвашеви, акварели, скици, вињети...) со динамични композиции, доловуваат весела атмосфера поврзана со митолошки теми, пагански празнувања, танци, баханалии..., испреплетени со флорални и анимални елементи. Раскошните варијации на тематски простори кои ја подразбираат екстазата, постигната на диферентни локации на задоволствата (полјани, циркуси, кафеани...) Љубовната густина во театрализираните сексуални оргии е во близина на медитеранските пагански култови кон природата (музика, игри и танци за плодородие и бериќет) и, поконкретно, на баханалиите и фалофориите, организирани во чест на богот Дионис. Издолжените елегантни фигури, од екстатичност преминуваат во идиличен танц, потоа добиваат крилја, а на крај, се наоѓаат во потполна бестелесна леснотија слободно лебдејќи во просторот. Овие дела се и некаква форма на картички - лично упатена порака до личноста за која делото било создадено.
     
Соња Абаџиева