Електронско списание „Македонски археолошки вести“ од недела ќе биде достапно на интернет. Вестите ќе може да се прегледуваат на веб-страниците www.mav.mk и www.man.mk. Списанието ќе го издава Управата за заштита на културното наследство во соработка со Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“. Во првиот број на списанието ќе бидат објавени текстови и ексклузивни фотографии за најновото археолошко откритие од Горна Порта во Охрид, наоди од Исар-Марвинци, Стоби и од археолошките локалитети Билазора, Хераклеја Линкестис и Скопската тврдина. Целта на списанието е да ги запознае македонската и светската јавност со резултатите од археолошките истражувања во земјава.