Ве известуваме дека на 10.06.2009 год. (среда), со почеток во  20:00 часот, во Националанта галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе биде отворена ретроспективна изложба на македонскиот графичар Томислав Крмов.

 Изложбата ќе ја отвори Паскал Гилевски и ќе трае до 31.08.2009 год., а во нејзини рамки ќе бидат изложени 64 графики и 31 слика.

krmov.jpgТомислав Крмов (1938, Штип) денес е доајен на македонската графика, уметник со творечки стаж од преку четириесет години и бројни самостојни и групни претставувања во земјава и во странство. Дипломирал на Академијата за применета уметност - отсек графика во Белград 1967 година кај професорите Богдан Кршиќ и Божидар Џмерковиќ. Член е на ДЛУМ од 1968 година. Живее и работи во Штип. Со свои дела учествувал на сите позначајни презентации на македонската  графичка и ликовна уметност како во земјава така и во светот (Чиле, Индија, Германија, Франција, Италија, Австралија итн.)
 Графичкото творештво на Крмов недвојбено се вбројува во самиот врв на македонската графика, со чист, оригинален, препознатлив естетски израз. Покрај истенчениот естетски профил, доминира со стабилен континуитет во ликовната мисла и стандардизиран квалитет во исказот, што е сосема нетипично за македонски услови. Ова, пред се’, поради некои негови нестандардни постапки, дури спротиставени на атрибутите што и се припишуваат на современата графика. Од друга страна, во контекст на  секогаш актуелните тези за неопходна децентрализација и демонополизација на културата, а во тие рамки и на уметноста, не смее да се заборави ниту вонредниот придонес на Крмов за развојот на културата и уметноста во Штип, па и во регионот пошироко.
 
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА