Петтото, јубилејно издание на филмскиот фестивал Астерфест (27-31 мај) е подготвен за почеток. Програмата е заокружена и се состои од околу педесет филмови распоредени во седум програмски категории: Астердокс, Глобална фикција, Мувиленд, Една жена / еден филм, Посвети, Мери-Дионс и Анимирани филмови. Најголемиот број филмови ќе се прикажат премиерно во Македонија. Како и во претходните години, доминира документарни и кратки филмски содржини. Официјално трочлено меѓународно жири ќе одлучува за Златната, Сребрената и Бронзената потковица помеѓу  следниве креативни документарци во конкуренција: Боровинки од Брод на Ерик Фуско (Холандија), Вода и оган на Киро Урдин (Македонија), Информативни разговори на Намик Кабил (Босна и Херцеговина), Јаболка на Ахмет Тас (Германија), Нагоре на Георги Лазаревски (Франција), ОК на Блерта Зекири (Косово), Приказната за Николај на Давид Офек и Елинор Коварски (Израел), Ремек дело на Стефанос Монделос (Грција), Рене на Хелена Трештикова (Чешка) и Чедо на Аљоша Симјановски (Македонија). Во оваа главна селекција преовладуваат нишки кои директно или индиректно допираат југоисточноевропски теми или пак се правени од автори од ЈИЕ, без ограничувања во уметничката слобода на филмскиот израз. Посебно жири ќе додели награда за најдобар филм од програмата Мувиленд, кој оваа година опфаќа филмови продуцирани од Србија или од српски автори. Во оваа компетиција влегуваат кратките филмови: Епитаф за соништа на Филип Чоловиќ, Замокот Розалин 1937 на Маја Милановиќ, Точка на прекин на Игор Тохољ, Фантазмагорија 2008 на Растко Ќириќ и Хелиум на Ѓузепе Скетино. Исто така, ќе се додели специјална награда за најдобар светски краток игран филм. Во оваа категорија ќе се жирираат филмовите: Алиса во земјата на чудата на Мартин Валц (В.Британија/Полска), Баба отиде на Томаш Јуркиевич (Полска), Вечно лето на Михаел Руф (Германија), Јалда на Естер Џонсон (В. Британија), Моето лево око на Анамарија Цхиовеану (Романија), На изгрејсонце на Ѓорче Ставрески (Македонија), Преод  на Стивен Кип Милс (САД), Птички на Рунар Рунарсон (Исланд), Украдени приказни на Мигел Техерина Алба (Шпанија) и Условно примирје  на Притви Конанур (Индија). Повеќето наслови од официјалната програма имаат референци од учества на бројни филмски фестивали и се наградувани ширум светот. Во неофицијалната програма, исто така ќе има ексклузивни филмови, меѓу кои и први јавни прикажувања. Фестивалот ќе биде отворен на 27 мај, в среда, во Домот на АРМ во Струмица, со почеток во 20,00 час. Пред влегувањето на публиката, во ѕвезденото астраионско небо на Струмица симболично ќе бидат испукани пет ракети, во знак на петгодишниот роденден на струмичкиот филмски фестивал.  На фестивалот треба да пристигнат реномирани гости и автори од повеќе европски држави. Првата вечер на бугарскиот режисер Рангел В'лчанов свечено ќе му биде врачено признанието Астер за високи достигнувања во полето на авторскиот филм, а за таа пригода е предвиден и краток музички настап на Драган Даутовски. Астерфест е поддржан од Собранието на Општина Струмица и Филмскиот фонд.


--
ASTERFEST &
TIBERIOPOLIAN FILM ALLIANCE

AsterFest, P.O. Box 10, 2400, Strumica, MK

tel.+389 34 320 232

Skype: asterfest