Проектот „Македонските просветители и преродбеници“ утре напладне ќе биде промовиран во просториите на Општина Кисела Вода. Во рамките на проектот ќе биде претставен и постерот, кој го отсликува 10. век, периодот на свети Климент Охридски, првиот македонски духовник, учител и книжевник, и периодот од 19. и почетокот на 20. век - браќата Миладиновци, Григор Прличев и Крсте Мисирков, кои во училиштата го воведоа македонскиот народен јазик како јазик на образованието. Постерот ќе им се додели на сите основни училишта во Скопје како потврда за нашето постоење, историја, култура и национален идентитет.

За значењето на македонските просветители и преродбеници, во функција на воспитно-образовниот процес, на промоцијата ќе говори професор д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.Иницијатор на овој проект е Здружението на одделенски наставници на град Скопје, а е финансиран од Владата и од Министерството за образование и наука.