Скопје, 16 мај (МИА) - Престижниот оркестар на театарот Бољшој од Москва во комплетен состав со стотина членови вечер во Метрополис арената во Скопје ќе одржи концерт со нашиот солист на пијано Симон Трпчески. Тоа е прво гостување на реномираниот оркестар во Македонија и е дел од неговата голема европска турнеја.

- Сета димензија на емоциите кои се внесени во овој проект со историско значење за културното живеење во Македонија, всушност, ќе бидат покажани на утрешниот концерт овде, рече на  вчерашната прес-конференција пијано-мајсторот Трпчески, веднаш по пристигнувањето од Лугано, Швајцарија, каде што со оркестарот на Бољшој  завчеравечер имале блескав настап.

Тој им заблагодари на покровителите на концертот - македонската Влада и Министерството за култура за сиот ентузијазам и енергија вложени во реализацијата на концертот, со предзнак спектакуларен во најавата. 

- Настапот на оркестарот на театарот Бољшој заедно со нашата гордост Симон Трпчески ќе биде вистинска прослава на убавината на музиката. Владата и Министерството за култура дадоа целосна поддршка за овој настан за кој сум сигурна дека ќе биде уште еден вистински триумф на музиката и уметноста, бидејќи ваквиот тип на случувања се силен импулс во збогатувањето на музичкиот и концертниот живот, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.