fotoIvana.jpg
На 14.04.2009 год.(вторник),со почеток во 20:00, во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе се отвори самостојна изложба на новинарката и фотографка Ивана Тасев насловена како “Мексико-мал исечок од времето”.

Инаку,изложбата ќе ја отвори директорката на Националната галерија на Македонија г-ѓа Маја Крстевска. Куратор на постановката ќе биде Мира Гаќина. Во продолжение на настанот, од 21 часот па до полноќ, ќе следи забава со ДЈ Нино Наумов од ПМГ.

Изложбата содржи 39 дела кои ќе бидат поставени во долните три простории на галеријата и истата ќе биде отворена  до 26 април.
Во прилог Ви доставуваме изјави од авторот и кураторот на изложбата како и  кратка фотографска биографија.

fotoIvana.jpg

“Слики, визии, гледаме со отворени и со затворени очи. Не случајно коренот на зборот “види” е ист со оној на идеја. Слики видени и слики отсонувани. Кога фотографираме, едното око е отворено, а другото затворено, едното набљудува, а другото сонува.
 Што бара Ивана, што сонува?

fotoIvana.jpg

Окото е најшироко затворено и лута низ облаците, по пустите плажи, над пирамидите. Нежно женски замижена ги прелистува, ги опипува живите разгледници. Црно-белото н¢ повлекува наназад, ова е повеќе некое нејасно сеќавање, речиси недоживеано, отколку верно сведоштво. Иако не сме дома, ликовите се пријателски, насмеани. Ни се лизга погледот по бесрамно голите грбови на срамежливо свртените девојки. Фотографијата го добива она достоинство што  недостасува кога престанува да биде репродукција на реалното и ни покажува работи кои веќе не постојат, вели Пруст. Оттаму и таа блага носталгија во фотографиите на Ивана Тасев, тага по минливото. Заробениот момент сепак не е доволен, таа прави колажи кога не може да ја задржи динамиката, маѓепсана од совршените форми таа се обидува да навлезе во нивната структура. И покрај тоа што фотографот е уметник кој лесно ја поднесува самотијата, таа не се откажува од постојан дијалог со гледачот. И најидиличните композиции не успеваат да ја скријат нејзината возбудена присутност. Се потсетуваме тука дека Енгр, на шега или не, има речено дека фотографијата е подобра од цртежот, ама тоа не треба да се кажува.

fotoIvana.jpg

Тасев не ни се прикажува за првпат, и повторно без страв, крајно интимна. Храброста на нејзината интервенција е стимулирачка. Емотивна и предадена, истовремено подготвена за ризици, успева да внесе колоритност во црно белите композиции. “

fotoIvana.jpg

Мира Гаќина, куратор на постановката

fotoIvana.jpg

 Изјава на Ивана Тасев:

“Мексико беше случаен избор. Или бегство, можеби... од претераната присутност на Скопје. Немав детално искалкулиран план зошто сакав да го видам токму Мексико. Ама изгледа сум сакала...Отпосле ми се кажа. 

Мексико – “Мал исечок од времето” се црно бели рефлексии, одрази во вода, дрвја полни тишина, полупразни плажи, детали, фрагменти, едноставни, непретенциозни сенки, силуети, контрасти, ликови, свесно и несвесно документирани, Мексико е крупно артистичко зрно во делата, онакво старинско, да не можеш да измериш кога е создадена фотографијата... Мексико се “пречвркнати” контрасти, блурирани дела кои бунтовнички ги надминуваат границите на осувопарената школа за фотографија. Мексико се дела кои се читаат преку срце, а не преку правилна бленда и композиција. Мексико се 5000 илјади извозени километри од Мексико Сити до Мајан Ривиерата на Карибското море. Мексико се десетици градови, дваесетина видени села, џунгли, водопади, тропски поројни дождови, облаци, безброј доживеани зајдисонца, пирамиди, траги од древните цивилизации, натурална егзотика, делфини, игуани, јагуари, коктели... Мексико е само мал исечок од времето поминато... а сепак, длабоко врежано во сеќавањето. Тоа мора да е заради воздухот, бидејќи воздухот во Мексико е најпрозрачен. И покрај сета чудесна леснотија на прозрачноста речиси сите сеќавања, кои ги понесов оттаму се контрасни црно бели силуети, сенки, отпечатоци ... фрагменти од најпрозрачниот крај. “


Авторката има богата фотографска биографија во чии рамки влегува и оваа постановка. Во прилог на ова 11 од изложените 39 фотографии беа доволна инспирација за писателот Гоце Смилевски да создаде своја љубовна приказна.  
 

НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА