Локални издавачи на меѓународниот саем на книгата
Книгоиздателства од нашата земја и по некој претставник од Албанија, Србија и од Бугарија ќе учествуваат на манифестацијата која од утре до 14 април ќе се одржи на скопското Сајмиште

 

Само локални книгоиздателства ќе учествуваат на годинашниот 21. меѓународен Саем на книгата кој ќе се отвори утре, во втората и во третата хала на Сајмиште. Издавачи од нашата земја и по некој претставник од Србија, Албанија и од Бугарија ќе учествуваат на големата книжевна манифестација. На 64 штанда ќе има книги од повеќе домашни книгоиздателства, научни институти, образовни институции, а ќе бидат достапни и 131 книга од едицијата „Македонска книжевност“. Како и во минатите години најзастапени ќе бидат преводите, а на дел од штандовите ќе има и нови македонски дела. Саемот го организираат Здружението на издавачите и книжарите на Македонија и Здружението на албанските издавачи заедно со „Скопски саем“.

Организаторите најавија и мултимедијално, но скромно отворање на манифестацијата. Претседателката на Здружението на издавачите, Ели Маказлиева најави дека на свеченоста за почеток на саемот, ќе се одржи поетско читање со осуммина домашни поети, а ќе настапат и студенти од Факултетот за музички уметности од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

ИНТЕГРИРАЊЕ НА ЧИТАТЕЛИТЕ

Рамадан Рамадани, пак, од Здружението на албанските издавачи, најави дека саемската манифестација годинава ќе биде своевидно обединување меѓу читателите и издавачите.

- Посакуваме читателите масовно да го посетат саемот. Тоа е место за интегрирање на љубителите на пишаниот збор и издавачите, кои во земјава објавуваат и на македонски и на албански јазик. Оваа манифестација треба да биде централен настан, а не политичките избори - рече Рамадани.

На читателите годинава ќе им бидат достапни повеќе илјади книги од сите области на книжевното творештво. Ќе преовладува современата белетристика, при што најзастапени ќе бидат тие од странски автори. Побројна од лани ќе биде и домашната продукција, па на штандовите ќе има дела од Влада Урошевиќ, Јагода Михајловска-Георгиева, Јован Павловски, Драги Михајловски. Попустите вообичаено ќе се движат од 10 до 50, 60 и 70 отсто. Сепак, поевтини ќе бидат книгите објавени пред две или повеќе години. Новите дела, објавени годинава ќе имаат попусти од по 20, 30 или 50 денари.

Книгоиздателството „Ми-Ан“ своите изданија специјално за Саемот на книгата ќе ги поевтини за 75 отсто. На нивниот штанд ќе биде и новиот роман „Град, години, луѓе“ од Јован Павловски, како и новата енциклопедија „Музика, балет, опера“.

- На саемот издавачите треба да се блиски со читателите. Тоа е место и време книгите да станат вистински подостапни за оние за кои се наменети - велат од „Ми-Ан“. Со надеж за многу читатели, но без најави за големи попусти се од „Младинска книга“, на чиј штанд главен наслов ќе биде „Хари Потер и Полукрвниот Принц“.

ЗГОЛЕМЕНА ПРОДУКЦИЈА

Многу нови дела од домашни автори ќе има на штандот на „Магор“. Тие на читателите ќе им ги понудат „Невестата на змејот“ од Влада Урошевиќ, „Чај од јужните мориња“ од Данило Коцевски, „Психологија на театарот“ од Мируше Хоџа, „Домот на писмото“ од Елизабета Шелева. Специјално за саемот тие го подготвија и првото издание на Хомеровата „Одисеја“.„Матица македонска“, пак, најавија дека годинава ќе имаат помал штанд од претходните години.

- Доволен е мал простор за да се презентира тоа што е ново во преводната и во домашната литература - велат од „Матица македонска“ и додаваат дека годинава вниманието повеќе ќе го насочат кон нашето интернационално претставување на светскиот саем на книгата во Франкфурт - велат од „Матица македонска“.Меѓу книгите што тие ќе ги понудат се „Прашања и одговори“ од Викас Сваруп, „Гомора“ од Роберто Савиано, „Пеперутка“ од Сашо Тасевски.

На штандот на издавачкиот центар „Три“ ќе преовладуваат книги од автори -лауреати. Како свои новитети тие ги најавија „Белиот тигар“ од Аравинд Адига, роман за кој тој ја доби наградата „Букер“, „Камен на трпението“ од Атик Рахими, добитник на наградата „Гонкур“ во Франција, и „Време на колера“ од Гарсија Маркес, како и романот „Индиго Бомбај“, од Јагода Михајловска-Георгиева.

Според најавите на организаторите, предвидени се и повеќе промоции на нови дела кои ќе се одржат во првата саемска хала. Работното време на саемот ќе биде од 10 до 20 часот, а влезницата ќе биде 30 денари.Од утре, па до 10 април во четвртата саемска хала ќе се одржи и манифестацијата Денови на образование и кариера, на кои ќе се претстават 37 државни и приватни високообразовни институции од земјава и од странство.

Тоше Огњанов