Марадона и Вики Кристина Барселона на СФФ


Пролетната филмска манифестација ќе донесе познати филмови од минатата (и предминатата) година, меѓу кои и номинираниот за Оскар за странски филм: "Танц со Башир" од Ари Фолман, но и маестралното дело "Три мајмуни" од Нури Билге Чејлан, кое го гледавме на фестивалот "Браќа Манаки" пред повеќе од половина година!


Пролетната филмска манифестација, "Скопје филм фестивал", годинава ќе се одржи од 22 до 29 април. Проекциите ќе се одвиваат во кино салите "Рамстор", и во Кинотека на Македонија.
Дел од филмовите кои ги објави организацијата на "СФФ", се движат во склад со претходната естетика на фестивалот, а некои посебни новини, или пак гости, засега не се најавени. Иако има уште околу две недели до почетокот, ниту веб страницата не е апдејтирана.

На дванаесеттиот СФФ ќе може да го видиме еден од најубавите филмови во 2008 г., "Burn After Reading", од браќата Коен, филм за кој Бред Пит заслужено требаше да добие номинација за Оскар за споредна улога. Тука е и луцидната љубовна комедија на Вуди Ален, "Вики Кристина Барселона", за која Пенелопе Круз го доби Оскарот за споредна улога. На репертоарот е и веќе застарениот филм (2007 г.) на источниот великан, Вонг Кар Ваи, "Моите ноќи од боровница", со Џад Лоу и Нора Џонс во главните улоги.

Филмска посластица ќе биде и документарецот на Емир Кустурица, "Марадона", во кој режисерот дава прекрасен документаристички опис на фудбалската икона. На "СФФ" ќе може да видиме уште еден источен маестро, Ји Жанг Ке, со филмот "24 City".

Најавен е и еден од фаворитите за Оскар за најдобар странски филм, "Танц со Башир" од Ари Фолман, како и "Три мајмуни" од Нури Билге Чејлан, маестралното дело на турскиот режисер, кое го гледавме на репертоарот на фестивалот "Браќа Манаки" пред повеќе од половина година!
Сепак, можеби ова е добра прилика да видиме дали недостатокот на публика за ваквите дела се должеше на тогашната ситуација со брендот "Браќа Манаки", или, пак, овојпат малите кино сали во "Рамстор" ќе бидат полни поради брендот "СФФ"?

Едноминутни филмови за Мојата прва љубов
Секциите на овој СФФ се поделени на главна програма, авторски филм, едноминутен филм, источноевропски вестерн, програма на кратки филмови, и ретроспектива на неодамна починатиот режисер, Бранко Гапо.

Конкурсот за натпреварувачката програма за едноминутни филмови веќе е отворен, а темата е "Мојата прва љубов". Минатата година победник беше филмот "Телепатија", кој го снимаше фоторепортерот на ВЕЧЕР, Наке Батев.

Дејан ТРАЈКОСКИ