И  Н  Ф  О  Р  М  А  Ц  И  Ј  А
ЈАСМИНКА НОВКОВСКА
“Животинска планета”
самостојна изложба - Чифте амам
отварање 01 април 2009 во 20:00 ч

 Во организација на Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам на 01 април (среда) во 20:00 часот ќе биде отворена самостојна изложба на Јасминка Новковска.
 “Доминантна во сликарството на Јасминка Новковска е психичката акробатика. Сликарството кое како да ги одредило сопствените простори во понирањето во тајната, во енигмата и во суштината на живеењето. Јасминка Новковска со длабок творечки ум и интуиција ја толкува сегашноста, ја бележи човековата (не)достоинственост, дехуманизација на денешнава цивилизација.
 Со својот супериорен ликовен јазик и поетска градба на духот тежнее кон космополитизам, без бесмисленост и присилување. Нејзините дела се со единство на духот, стилизирани форми, апстракција, слобода на изразот и со смели бои. Запис на сопствените идеи, интерпретација на импресијата на свесното и несвесното. Еден внатрешен свет исполнет со енергија, движење, сила, чувства.... импулсивност и директност. Дела полни со животна сила, со екпресивен здив, во кои акцијата, формата и структурата се трансформираат во енергија. Јасминка господари со својата имагинација; таа е сликар и на самата себеси. Го стилизира податното при што не го поедноставува податокот, туку, искажано со ликовен јазик, постигнува нови естетски доживувања. Нејзиното сликарство го разбирам и како психичка акробатика што регистрира активности (психички и емоционални), односно апсорбирани чувства и емоции. “
Љ. Маленков

 На отворањето на изложбата ќе говорат директорката на Националната галерија на Македонија, г-ѓа Маја Крстевска и кустос Љупчо Маленков.

 

 

 

 

 

Јасминка Новковска е родена на 22.06.1975г. во Скопје, Македонија. Во 1998г дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од март 1999г. до март 2000г. специјализира на Националната Художествена Академија во Софија. Од октомври 2001г. до јуни 2003г. магистрира на Националната Художествена Академија во Софија. Има две студиски патувања во Париз и Рим 1995г.и 1998г. Во јуни 2001 година, беше избрана како учесник од Македонија во Фрнакофонските игри во Отава, Канада.

Двомесечен студиски престој во Ците, Интернатионал дес Артс, Париз, Франција, март и април 2007 година.

Од Октомври 2008 година член е на ДЛУМ.

Учествувала на бројни групни изложби во земјата и странство, а ова е нејзина деветта самостојна изложба.

Добитник е на наградата  ,, Љубомир Белогаски,, за најуспешен млад автор за изложбата насловена како ,, Е Р А ,,  реализирана во октомври 2000г. во ,,Музејот на град Скопје.