Скопје, 14 март (МИА) - Во пресрет на Меѓународниот ден на франкофонијата, 20 март, Кинотека на Македонија во соработка со Францускиот културен центар од денеска до 19 март, во рамки на Деновите на франкофонскиот филм, ќе прикаже современи филмови на француски јазик.

Циклусот филмови ќе биде отворен со францускиот „Мислам дека ја љубам“ од 2007 година, во режија на Пјер Жоливе. На програмата се и белгискиот „Елдорадо“ на Були Ланерс од 2008, „Кој ме сака ќе ми се придружи“ на францускиот режисер Беноа Коен, снимен во 2006, романскиот филм „Следејќи ја“ на Кристина Јонеску од 2007, „Јас и мојот бел човек“, снимен во 2003 од режисерот Пјер Јамеого, копродукција на Франција и Буркина Фасо, швајцарскиот филм „Еден поинаков човек“ на Лионел Баер од 2008 година.

Деновите на франкофонскиот филм в четврток ќе завршат со проекција на романскиот „Американски вереници“ во режија на Николае Маргинеану од 2007 и со документарниот филм на Киро Урдин „Вода и оган“, снимен минатата година. Во конципирањето на програмата, покрај Кинотеката и Францускиот културен центар, се вклучија и амбасадите на Швајцарија, Романија и на Белгија.

Над 200 милиони луѓе во светот зборуваат француски јазик. Франкофонија е француски израз создаден во 1880 година со кој се означува заедница на луѓе и држави кои го користат францускиот јазик. Основач на Франкофонијата е Самуел де Шамплен, а Светскиот ден се одбележува на 20 март.

Меѓународната организација на Франкофонијата (МОФ) е основана во 1970 година и во неа членуваат 68 држави од пет континенти. Покрај полноправни, во МОФ има и придружни членки и земји-набљудувачи.   МОФ работи на развивање на лингвистиката и културата во ерата на глобализмот и одржува самити на секои две години. На самитот во Букурешт, во септември 2006 година, полноправна членка на Организацијата стана и Република Македонија, заедно со Грција, Албанија и Андора.

Местото што го има Франкофонијата во Македонија се должи на историската поврзаност со францускиот јазик, литература и култура, како и на вредностите кои ги застапува оваа организација - мирот, демократијата, човековите права, образованието, науката и истражувањето, афирмацијата и заштитата на културната и јазичната разновидност, солидарноста и рамномерниот и одржлив развој. хс/ев/9:25