Париз, 10 март (МИА) - Во организација на Универзитетот „Сорбона“, фестивалот „Поетска пролет“ и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА денеска во Париз ќе биде отворена манифестацијата „Македонија во срцето на светската поезија“.

На манифестацијата  ќе настапат познати француски поети меѓу кои и тројцата добитници на Златен венец на Струшките вечери на поезијата Yves Bonnefoy (Ив Бонфоа), Adonis и Vasco Graca Moura (Адонис и Васко Граца Мура). Дел од учесниците на манифестацијата се и истакнатите македонски поети и членови на Македонската академија на науките и уметностите  Матеја Матевски и Влада Урошевиќ.

Во рамки на манифестацијата ќе биде прикажан и филмот Македонскиот јазик во глобалниот свет во продукција на Универзитетот за аудиовизуелни уметности и ЕФА Продукција.

На манифестацијата ќе се обратат министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа Милевска, амбасадорот на Франција во Македонија Бернард Валеро и македонскиот амбасадор во УНЕСКО Јордан Плевнеш. лв/вј/8:39