„Секојдневие“ е насловот на изложбата на дела од Ирена Паскали, која денеска, во 12 часот ќе биде отворена во „Мала галерија“ (во Порта Влае) во Скопје. Мултимедијалниот проект е составен од инсталација од холограми и видеоматеријали.Во ова дело Паскали ги набљудува и ги прикажува оние, најобични редовни активности и ситуации, кои всушност се ритуал на живеењето.

Паскали, која на европската ликовна сцена влезе преку своите документарни филмови, студирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а постдипломски студии завршила на Академијата за медијални уметности во Келн. Интересите на Паскали се насочени кон повеќе медиуми - фотографија, филм, видео и инсталација. Ја интересираат теми поврзани со внатрешни конфликти на култури и религии и прашања за идентитетот. Изложбата во „Мала галерија“ ќе биде отворена од вторник до петок, од 17 до 22 часот.