Вечерва во 20:00 часот во „Мала станица“, ќе биде отворена изложбата на млади автори „Внатре - надвор“, како дел од проектот за прослава на 60 годинишниот јубилеј на Националната галерија на Македонија. На ова мултимедијално претставување ќе бидат изложени видео - арт, дигитални фотографии (принтови) и објекти на авторите: Методи Ангелов, Моника Дескоска, Славица Јанашлиева, Тихомир Топузовски, Нада Прља, Игор Сековски, ОПА(Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски), Борјан Зафировски, Борис Шемов, Ирена Паскали, Гоце Наневски, Александар Спасоски и Илијана Петрушевска.

Кустосот на изложбата Ана Франговска - Стојановска, посочува дека концептот „Внатре - надвор“ има за цел да отслика еден дел од ракурсите на интерес на младата рецентна македонска визуелна сцена, а доминантно го третира проблемот на локалното вис а вис глобалното, пред се, бидејќи Македонија како релативно млада држава на мошне интензивен начин, се бори со проблемот на општата глобализација во секој домен од човековата егзистенција, наспроти усталените локални вредности (историја, традиција, култура), специфичен начин на размислување и врежан „генетски код”. (К.Б)