ЕВРЕЈСКА ЗАЕДНИЦА

Промоција на прозната книга „Светилка за Ханука“ од Томислав Османли во издание на „Форум“ ќе се одржи вечерва од 19 часот во просториите на Еврејската заедница на Македонија. Промовирањето на книгата се совпаѓа со одбележувањето на Ханука, еврејски празник на светлината, со чие име метафорично е насловено изданието. Книгата е составена од девет прозни целини кои на симболичен начин ги означуваат деветте светилки на обредната ламба за Ханука. Низ призма на личните искуства на одредена група луѓе авторот ја осветлува историската композиција на холокаустот. Авторот ги опишува интимните бранувања на ликовите, нивните дилеми, сеќавања и стравувања. На пластичен начин се обработени аспектите на геноцидното исчезнување на еден народ“, забележува рецензентот на изданието. Книгата излегува во двојазично издание на македонски и на англиски јазик. „Светилка за Ханука“ е 17. авторска книга на Томислав Османли и негова четврта збирка раскази.