Сајтот македонија.растко.нет, виртуелна електронска библиотека на културата и традицијата на Македонија, користејќи го благодетот на дигитализацијата, веќе една година дава свој прилог кон афирмацијата на македонското книжевно богатство, за тоа да му биде достапно на светот. 
Утре, со почеток во 15 часот во Библиотеката Благој Јанков Мучето во Струмица, Киро Донев и Иван Котев ќе го промовираат компакт-дискот 15 РОДНОКРАЈЦИ, самостојно издание на ПР-Македонија, како прво, пилот издание од концептот кој треба да опфати 15 ЦД-а, своевидна антологија на културата и традицијата на Струмица.
Заложувајќи се за подобар и поедноставен пристап на читателот до книжевното дело, Проектот Растко-Македонија, подготви електронско ЦД со кратки избори на уметничка литература од 15 роднокрајци, современи македонски писатели кои потекнуваат од струмичкиот крај. Во ова прво издание се приложува краток избор од раскази и поезија, како и неколку интегрални изданија на 15 наши писателски имиња: Стојче Балкански, Бранко Бјадов, Иван Василевски, Вања Изова-Велева, Киро Донев, Васил Дрвошанов, Ѓорѓи Калајџиев, Васе Манчев, Митко Маџунков, Никола Маџиров, Виолета Танчева-Златева, Љубен Ташковски, Видое Подгорец, Никола Сарајлија, Кочо Урдин.
По повод промоцијата, уредникот на изданието, Софија Тренчовска изјави:
- Нека ова наше електронско издание биде посветено на сите вљубеници во бесмртноста на зборот. Изборот од 15 струмички автори не е конечен и ќе биде надополнет со нови авторски имиња во идните  електронски изданија на оваа едиција која како иницијатива ја промовираме преку ова ЦД. На читателите топло им препорачуваме да уживаат во препрочитувањето на кратките избори од  творештвото на роднокрајните автори,  каде што сигурно ќе се најдат грст ѕвездени моменти кои ја оплеменуваат душата. Како изненадување по повод годишнината од овоj makedonski проект, го објавивме е и сараевското издание на култниот роман за егејците Магла од Иван Чаповски, дигитализана верзија според раритетниот сочуван примерок од 1991 година.
http://makedonija.rastko.net/default.html
http://makedonija.rastko.net/cms/files/books/494115149ce9d