По повод40години од објавувањето на циклусот романи „Црно семе“ од академик Ташко Георгиевски, денеска во 12 часот во Македонската академија на науките и уметностите ќе биде промовирано ново четиритомно издание со негови дела. Новото издание го објави „Матица македонска“, а во него на повеќе од 2.000 страници се поместени романите „Црно семе“, „Змиски ветар“, „Време на молчење“, „Рамна земја“, „Исчезнување“, „Црна билка“.

За делата и за творештвото на Георгиевски ќе зборуваат Раде Силјан, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и академиците Георги Старделов и Гане Тодоровски.

- Делата на Георгиевски се врежани во нашиот културен и национален идентитет. Неговите дела се значаен дел од развојот на македонската интелектуална и книжевна мисла - вели Силјан.

Георгиевски за циклусот „Црно семе“ неодамна ја доби и државната награда „23 Октомври“. Тој на нашата книжевна сцена е присутен половина век, а неговите дела се преведени на повеќе јазици во светот. Георгиевски е автор и на сценариото за филмот „Црвениот коњ“. Добитник е на наградите „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, како и на Рациново признание.