На 27 октомври во Кинотеката на Македонија ќе се одбележи Светскиот ден на аудиовизуелно наследство. Акцентот на годинешното чествување на овој ден, кој Генералното собрание на УНЕСКО го прогласи за светски во 2005 година, е ставен на чувањето на аудиовизуелните добра како клучен сегмент во процесот на заштитата.

Почетокот на ова чествување е закажан за 11 часот. На него министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ќе го претстави капиталниот проект на Владата на Македонија за обнова и ревитализација на споменикот на културата Хавзи Пашини конаци во село Бардовци, со што Кинотеката ќе добие соодветен простор за заштита и чување на аудиовизуелното културно наследство. По презентацијата на првата фаза од реализацијата на овој проект ќе биде прикажан филмот „Од трезорите на светските филмски архиви“. (С.У.)