Скопје, 17 октомври (МИА) - Недела на италијанскиот јазик на тема „Италијанскиот плоштад“ ќе се одржи од 20 до 26 октомври на плоштадите во градовите низ Македонија во организација на Италијанската амбасада.

Првиот секретар во Италијанската амбасада Роберто Рицо на денешната средба со новинарите рече дека плоштадот е едно од главните места во италијанските градови и оти во текот на цела недела ќе се организираат средби во кои ќе може да се почувствува Италијанскиот плоштад.  

- Ќе се одржат изложби, театарски претстави, музички настани во Битола, Струмица, Охрид, Тетово, Гостивар итн. и секој ден ќе има настани и во Скопје. Главниот настан ќе биде во сабота на 25 октомври во Скопје. Во попладневните часови ќе почнеме со серија манифестации кои ќе се случуваат на плоштадот Македонија и во Старата скопска чаршија. Ќе се одржуваат модни ревии, штандови со прехранбени производи, улични изведувачи, дизајнери и изложби, посочи Рицо.

В недела, како што рече, ќе има изведби организирани од страна на студентите по италијански јазик во Музејот на современа уметност.

Според најавите, од Италија во Македонија ќе дојдат две театарски групи - од регионите Пуља и Венето кои ќе имаат претстави во Струмица, Гостивар и Скопје.

Недела на италијанскиот јазик се организира од страна на амбасадите на Италија во светот. рп/вј/16:16