Писма на царот Јулијан

Книгата „Јулијан писма“, збирка од преписките на римскиот цар Флавиј Клаудиј Јулијан (331-363), е објавена од издавачката куќа „Ѓурѓа“. Јулијан е познат како успешен војсководец и император, но и како филозоф и мислител. Неговите писма се извор на многу факти и интересни детали за настани од четвртиот век, меѓу кои уредувањето на државната пошта, интригите на дворот, прогонството на Зенон. Писмата откриваат и многубројни податоци за личниот живот на царот, кој во историјата е познат и по тоа што го негувал многубоштвото и ја симпатизирал традиционалната хеленистичка религија. Откако стапил на престолот, Јулијан се откажал од христијанството и се обидел во Рим да го воведе мистичното паганство, поради што бил наречен Апостата (Отпадник). Писмата на Јулијан се публикувани хронолошки. Некои од нив се патописни, други се приватни и со пријателски тонови, во некои тој утешува, охрабрува и советува, во некои е обземен од државнички грижи.