„Малограѓанска свадба“ ќе го отвори МОТ

Црногорскиот народен театар ќе ја крене завесата на 33. млад отворен театар, вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар, со претставата „Малограѓанска свадба“ од Бертолд Брехт, во режија на Едвард Милер од Германија. За отворен, фестивалот се очекува да го прогласи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, а вечерва нејзин гостин ќе биде црногорскиот колега Бранислав Миќуновиќ.

Темата на годинашниот фестивал - „Мојот мал свет“, беше провокативна за селекторот на меѓународната програма на фестивалот, Дамир Домитрович-Кос од Словенија, кој избра осум странски претстави. Тој е истакнат театарски продуцент, долгогодишен културен работник и основач на театарскиот фестивал „Екс понто“, кој трае до 23 септември. Македонските претстави ги избра актерот Висар Вишка, кој се одлучи за шест претстави од поновата домашна театарска понуда. Темата донесува театарски продукции што во својата идеја работат на преоткривањето на фундаментите на човечките емоции, фобиите, ние-светот, интимата на поимот човек. Освен две претстави што ќе бидат изведени во Драмскиот театар и една во МНТ, сите останати ќе се играат во МКЦ.Фестивалот ќе трае до 27 септември. Организатор е Младинскиот културен центар.

Според најавите на првиот човек на МКЦ, Борче Момироски, за време на фестивалот, а особено во деновите кога ќе бидат изведени македонски претстави, гости ќе бидат директори на театри од регионот и на театарски фестивали. Театарски продукции од Белгија, Чешка, Словенија, Русија, Италија, Швајцарија, Србија ќе може да види публиката на МОТ. Од Белгија доаѓа театарот „Нидкомпани“, чешката сцена ќе биде претставена со „Склави - Песната на емигрантот“. Публиката ќе има исклучителна можност да проследи радикален поглед кон театарската уметност во перформансот „Вива Верди“ на групата „Виа негатива“. Претставата „Господин Кармен“, која е наградена со неколку „Златни маски“, ќе го промовира рускиот театар „Ахе“, а ѓе ја видиме и италијанската „Пасијата на тројанската жена“.

 Од Србија доаѓа театарот „Културмобил“. Швајцарскиот театар „Плазма“ ќе гостува во Скопје со „Случаен“. Македонски ден на фестивалот ќе биде 25 септември кога ќе бидат изведени „Да се заборави Херострат“ на велешкиот театар, „Обѕрни се во гневот“ на битолскиот театар, „Бегалка“ на штипскиот театар. Драмскиот театар ќе учествува со „Коза“, кумановскиот театар ќе се претстави со „Роналд кловнот од Мекдоналд“. Македонскиот народен театар на својата сцена ќе ја изведе премиерно „Мара Сад“ од Питер Вајс. Ќе бидат организирани и работилници и предавања на дел од гостите. Предавање ќе одржи Франко Унгаро, директор на италијанскиот театар „Кореја“ на тема „Проектите и Европската Унија: Можностите во културните полиња“. Ќе биде промовирано списанието „СУМ“, како и книгата „Четвртиот ѕид“ од Цветанка Зојчевска. За „Ѕвездите што не гаснат“ и за претставата „Принцезата и просјакот“ ќе зборува театрологот Ристе Стефановски. Младите режисери Ристе Алексоски, Димче Николовски и Никола Ристов ќе се промовираат во рубриката „Ѕвездите што доаѓаат“. Министерството за култура на фестивалот му даде 3,5 милиони денари, а Град Скопје - 1 милион денари. Билетите за претставите ќе чинат 100 денари, освен за отворањето - 300 денари.

(С.П.)