Безвремени годишни времиња


Во неполн час и половина ни беше и пролетно убаво и летно топло, и есенски дождливо, и зимски снежно... Вака сублиматно може само за миг да се долови прекрасната атмосфера, игра и гласовита експликација на убавината и магијата..., што ни ја пружија режисерот Иван Поповски и театарот "Елена Камбурова"


Дека театарот е сон и бајка, дека во него се сонува и детски се сака, дека таму во тој сценски свет се е можно, па и приказната за Четирите годишни времиња на Вивалди (во случајов уште и на Чајковски, Пјацола и Хајдн), иако музичка да стане театар, посведочи ансамблот на "Елена Камбурова" од Русија и фантастичиот режисер Иван Поповски. Тие не оставија без зборови, со многу растреперени чувства за што сведочеше десетминутиот аплауз и петкратниот бис... Во неполн час и половина ни беше и пролетно убаво и летно топло, и есенски дождливо, и зимски снежно... Вака сублиматно може само за миг да се долови прекрасната атмосфера, игра и гласовита експликација на убавината и магијата... За тоа, "главни виновнички" се прекрасните грации Елена Веременко, Ана Комова, Елена Пронина и Надежда Гулитскаја кои уште еднаш не уверија дека театарот не е само збор, ами игра, чувство, прекрасно искуство... Впрочем, за тоа, ВЕЧЕР пред две години ги награди со "Златна маска" во претставата на "Апсинт". Во таа постава не учествуваше само Надежда Гулитскаја.

Овозможувајќи ни уште едно вистинско уживање, актерите и осуммината музичари кои во живо ни го пружија задоволството и ни ја дополнија убавината, уште еднаш посведочија дека театарот е безвремен... Заедно со сценската техника и останатата анимација... Поповски преку играта со светла (која напати потсетуваше на "Апсинт") ја долови сета колоритна лепеза на годишните времиња... За на крај да не потсети дека не е се така розово и убаво, сликајќи го урбаниот хаос во кој се поретко се наоѓаме... Се на се, комплетен, убав и естетски чин кој долго ќе се памети.

Слики од Масин
Сите љубители на ликовната уметност, вечерва во Охрид се поканети во Центарот за култура "Григор Прличев" (20 ч.) на изложбата на академскиот сликар Мирослав Масин. Тој ќе ни го понуди својот најнов создаден свет во кој тврди дека "човекот настана од охридска пастрмка", како што и е насловена изложбата. Масин (1963 г.) е веќе две децении присутен на македонската уметничка и ликовна сцена, токму од дипломирањето на ФЛУ (1988 г.), член е на ДЛУМ од истата година, а бил и нејзин претседател во периодот 2000-2001 год.

Борче ГРОЗДАНОВ- Вечер