Богата програма на претстоЈниот фестивал во охрид

Светски уметнички џет-сет на Охридско лето
Јапонската виолинистка со светска кариера,Сара Чанг на само8 години настапувала со Зубин Мехта,Рикардо Мути и со Њујоршката филхармонија


Концертот на маркантната Сара Чанг во Охрид е прв нејзин
настап во овој дел од Европа

Водечки ѕвезди на класичната музика ќе одржат концерти на годинашното Охридско лето. Првата виолина во светот, Јапонката Сара Чанг, оперските диви, Американката Џеси Норман и Инва Мула од Тирана, Наталија Гутман, една од најмаркантните личности на современата музичка изведувачка уметност на виолончело, пијанистот Брно Канино, кој настапувал на најзначајните подиуми на сите континенти, Андреј Гаврилов победникот на натпреварот „Чајковски“ од 1974 година, лауреати на интернационални натпревари ќе настапат на концертни локации во Охрид од 12 јули до 20 август. Ќе има и две атрактивни дуа: Мула со Борис Трајанов и Теодосиј Спасов (кавал) со Влатко Стефановски. Потврдено е учество на уметници од САД, Јапонија, Франција, Русија , Германија, Бразил, Кореја, Чешка, Бугарија, Словенија, од Швајцарија и на македонските уметници.На јапонската виолинистка со светска кариера, атрактивната Сара Чанг, концертот во Охрид ќе и' биде прв во регионот. Најмаркантната виолинистка на сите генерации вчудовидува со својата техничка виртуозност и емотивна изведба - на само 8 години настапувала со Зубин Мехта (кој лани со Израелската филхармонија имаше концерт во Скопје) и Рикардо Мути со Њујоршката филхармонија. Светскиот економски форум годинава ја прогласи за млад глобален лидер поради „нејзините професионални достигања и посветеност кон општеството и придонес во формирањето иднина на светот“. Со нејзиниот концерт ќе биде затворено Охридско лето (20 август). Атрактивната Албанка, сопранот Инва Мула, која публиката ја памети и по филмот „Петтиот елемент“, ќе има заеднички концерт со нашиот Борис Трајанов (8 август). Претходно (на 23 јули) во Античкиот театар е фестивалот „Класика-етно-џез“. Настапува симфонискиот оркестар од Софија, а солисти ќе бидат Бугаринот Спасов на кавал и нашиот гитарист Стефановски.

- Живата сила на традицијта и чувството за современост се двата столба на кои се темели концепцијата на фестивалот. Сакавме Охрид повторно да стане централна културна точка не само во регионот. Да се биде членка на Европската асоцијација на фестивали обврзува во програмите да се имаат големи светски имиња. Со мали пари донесовме големи имиња - вели Гордана Јосифова-Неделковска, селектор на музичката програма на Охридско лето. Годинава за музичкиот дел од програмата, кој претставува две третини од програмата на фестивалот, одвоени се 150.000 евра.

- За да се оствари таква програма, потребно е пред се' успешно менаџирање. Тоа значи да се донесе уметник од светски ранг, но тоа да е финансиски изводливо, односно да се употребат сите средства и разговорот за хонорарот да не биде битен за уметникот со кој се преговара. За среќа, ни успева, реномето на фестивалот, но и упорноста ќе ни ги донесат светските уметници во Охрид - вели Јосифова- Неделковска. Од областа на камерната музика ќе гостува „Трио Брамс“ од Русија, а на 9 август, Денот на Европа, на Охридско лето ќе дојдат уметници од Франција зашто во тој период Франција ќе биде земја претседавач со Европската Унија. Доаѓа квартетот „Лудвиг“, а ќе гостуваат и два странски симфониски оркестра.

Концерти ќе имаат и афирмирани македонски уметници - Олег и Ана Контраденко, со пијанистката Марија Вршкова, пијанистката Ирина Наумовска, која е добитник на светски награди, како и обоистката Мелина Тодоровска, која подолг период работи во Словенија. Таа доаѓа заедно со словенечкиот камерен оркестар од Словенечката филхармонија. На гости ни доаѓа и камерниот оркестар од Тирана. Годинава направена е и оф-програма. Ќе настапи групата „Леб и сол“ (26 јули), а на 1 август настапува и оркестарот на Музичката младина на Македонија со изведба на делото „Календар“, работено по музика од Кокан Димушевски, под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар. Димитриј Ситковецкиј, освен што ќе има концерт, ќе одржи и работилница за младите виолинисти. Работилница за пијано ќе одржат и професорите Романови. На 2 август, премиера ќе доживее проектот „Звуците на Македонија“ а изведувачи се група перкусионисти. Лидер на групата и носител на проектот е Мартин Вучиќ. Традиционално, и годинава настап ќе има победничката од натпреварот „Чајковски“, Ана Веницкаја.

- Определба ми е во Охрид да донесам имиња што досега не биле тука. На тој начин Охридско лето се збогатува зашто бил домаќин на многу светски имиња. Се надевам дека со вакво богато фестивалско издание, со ваква листа со уметници фестивалот ќе придонесе за културна афирмација на Македонија - вели Јосифова-Неделковска.

Лилјана Грџо Дамовска