Вечерва на плоштадот „Македонија“ во 22 часот, со концертот на Симфонискиот оркестар FAME’S ќе се отвори 29-то издание на културната манифестација „Скопско лето“. Оркестарот, под диригентство на Иван Илиќ од Србија, ќе изведува филмска музика од познати, но и помалку познати филмски остварувања од САД и Европа, меѓу кои и од „Титаник“, „Војна на ѕвездите“, „Гладијатор“, „Пирати од Карибите“, „Мисија“... Со овој настан всушност, и Македонија се приклучува кон светското одбележување на јубилејот „100 години филмска музика“. Првпат музика за филм компонирал францускиот композитор Камиј Сен-Санс во 1908 година.

На концертот му претходи отворање на изложба на Националната галерија на Македонија и Струмичката ликовна колонија, во 20,30 часот во Чифте-амамот. Изложбата претставува дел од колекцијата на струмичката ликовна колонија, поточно ретроспектива на случувањата и сфаќањата кои се појавуваат во македонската ликовна уметност од 1945 година, па се до денес. На крајот, отворањето на „Скопско лето“ ќе заврши со полноќен рок-концерт насловен „Музика без граници“, кој од 23 часот ќе почне на плоштадот „Македонија“.

В недела, во рамките на „Скопско лето“ исто така на плоштадот „Македонија“ во 21, 30 часот, ќе се изведе операта „Кавалерија Рустикана“ на Пјетро Маскањи, под диригентство на Бисера Чадловска, а во режија на Волфганг Вајт од Германија. Главните улоги ги толкуваат: Сандра Митровска (Сантуца), Зоран Сотиров (Туриду), Горан Начевски (Алфио), Ирена Кавкалевска (Лола) и Лидија Нацоска (Мама Лучија). Сценографијата е на Живоин Трајановиќ, додека костимите се на Лира Грабул. (Т.И.)