Македонија и Балканот на „Охрид-фест“

„Игри без граници“ на Тоше Проески ќе биде прогласена за хит на Балканот, а авторот Мирослав Рус го потврди присуството во Охрид

Голем број поп- и фолк-изведувачи ќе настапат на годинашното издание на манифестацијата „Охрид фест - Охридски трубадури“, која од 21 до 24 август ќе се одржи во Античкиот амфитеатар во Охрид, беше соопштено на вчерашната прес-конференција во скопски „Холидеј ин“. Меѓу учесниците на фестивалот се и Адријан Гаџа, Дани, Ристо Самарџиев, Маја Вукичевиќ, Ноне Неделковска, Влатко Илиевски, Елвир Мекиќ, Андријана Јаневска, фолк-пејачките Соња Тарчуловска, Благица Павловска, Сузана Ѓавазова, Елена Велевска. Од балканските земји доаѓаат Ана Николиќ и евровизиските претставници Стефан Феди, Стефан Филиповиќ и Ребека Дремељ Јубилејното 15-годишно издание на фестивалот донесе повеќе новини во организацијата, како вечерта „Нови ѕвезди“, на која ќе настапат неафирмирани музички имиња. Тие на 21 август ќе се борат за пласман во поп-вечерта, која ќе се случи на 23 август. Еден ден претходно во Амфитеатарот силите ќе ги измерат фолк-изведувачите, кои ќе бидат наградени со по три награди од жирито и од публиката, како и награди за најдобар текст, аранжман, интерпретација, сценски настап и дебитант. За истите признанија ќе се борат и изведувачите од поп и од интернационалната вечер. Најдобрите поп-музичари ќе обезбедат настап на последната, интернационална вечер, на 24 август. За првите три награди од публиката ќе решаваат гласовите од присутните автори, музичари, новинари, претставници од спонзорите на фестивалот и гласовите од телевоутингот, а сите тие повторно ќе гласаат по евровизиски принцип. За наградите од жирито ќе одлучи Уметничкиот совет на „Охрид-фест“. „Игри без граници“ во изведба на Тоше Проески ќе ја прогласиме за хит на Балканот, а авторот Мирослав Рус веќе го потврди своето присуство во Охрид за да му ја врачиме наградата - изјави Тимчо Апостолов, шеф на прес-службата.Директен пренос на сите четири вечери на „Охрид фест“ ќе вршат ТВ-станици од повеќе земји, меѓу кои Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Турција и Украина, а во Македонија гледачите ќе ги следат на „А1“. Организаторите ќе побараат дополнителна помош за манифестацијата од Министерството за култура. Сметаат дека таа 15 години го промовира македонскиот туризам.Секоја вечер се пуштаат промотивни снимки од Охрид, кои ги гледа публиката од земјите што директно го пренесуваат фестивалот и така ќе биде и годинава. Сметаме дека фестивалот заслужува поддршка и од државата бидејќи придонесува за развојот на туризмот во Македонија. Се надеваме дека ќе ја добиеме - изјави координаторот на фестивалот, Григор Копров.Организаторите не соопштија колкав е паричниот фонд за наградите оти сметаат дека се' уште е рано. На фестивалите што се одржуваат во балканските земји, каков што е случајот со Будва во Црна Гора, сумата достигнува до 15.000 евра само за победникот во финалето. Како и изминативе неколку години, водителка на фестивалот ќе биде Сузана Турунџиева.

Промоции на книги и албуми

На годинашното издание на „Охрид фест“ ќе се случуваат интересни промоции. Познатиот хитмејкер Корнелије Ковач ќе ги промовира својата книга „Фалко и други приказни“ и своето цеде „Љубовни балади на Корнелије Ковач“. Во рамките на фестивалот, своите нови албуми ќе ги промовираат и пејачот Рамиз Јусуфи-Цики, како и фолк-изведувачката Елена Велевска.

Милена Атанасоска
Фото: Бисера Станкоска