Утревечер на плоштадот „Македонија“, оркестарот „FAME’S“ со музика од „Титаник“, „Војна на ѕвездите“, „Гладијатор“...

Тина Иванова-Утрински весник

Утре на плоштадот „Македонија“, со концертот на Симфонискиот оркестар „FAME’S“ кој ќе почне во 22 часот, под диригентство на Иван Илиќ од Србија, ќе се отвори 29-то издание на културната манифестација „Скопско лето“. Оркестарот, кој се формираше лани од париската компанија „L’Art a Part“, а во соработка со Македонската радио телевизија, чија цел е снимање претежно на филмска европска музика, а во кој членуваат млади македонски музичари, утревечер ќе изведува филмска музика од познати, но и помалку познати филмски остварувања од САД и Европа, меѓу кои и од „Титаник“, „Војна на ѕвездите“, „Гладијатор“, „Пиратите од Карибите“, „Мисија“... Со овој настан всушност, и Македонија се приклучува кон светското одбележување на јубилејот „100 години филмска музика“.

 

Традиционално, и годинава „Скопско лето“ стартува на 21 јуни, Светскиот ден на музиката, односно на Празникот на музиката кој започнат во Франција во 1981 година, денес се слави насекаде во светот. На Симфонискиот концерт, односно на свеченото отворање му претходи изложба на Националната галерија на Македонија и Струмичката ликовна колонија, која во 20,30 часот ќе се отвори во Чифте-амамот. Изложбата претставува дел од колекцијата на струмичката ликовна колонија, поточно ретроспектива на случувањата и сфаќањата кои се појавуваат во македонската ликовна уметност од 1945 година, па се до денес. На крајот, отворањето ќе заврши со полноќен рок-концерт кој од 23 часот ќе почне на плоштадот „Македонија“. Концертот, насловен „Музика без граници“, е во организација на Младинскиот културен центар, како дел од неодамна завршената манифестација „Млади, Музика, Спорт“.

 

„И годинава манифестацијата ’Скопско лето’ од 21 јуни до 31 јули, на сите оние кои ја сакаат уметноста, ќе им понуди интересни настани, најмногу од областа на музиката заради нејзиното жанровско шаренило, но и од областа на ликовната уметност, театарот, балетот, филмот. И на ова издание е застапена меѓународната димензија, па освен домашни уметници, на ’Скопско лето’ ќе учествуваат голем број на гости од САД, Германија, Австралија, Турција, Бугарија...“, истакна директорот на Дирекцијата за култура и уметност Никола Глигоров на вчерашната прес-конференција. Накусо, во четириесет вечери, љубителите на уметноста ќе можат да проследат 60 програмски содржини, од кои 19 се програми од меѓународната сцена. Настаните ќе се случуваат на веќе добро познатите локации: Старата чаршија со Чифте-амам, Сули-ан, Куршумли-ан, Скопското кале, потоа „Мала станица“, Музејот на современа уметност, Музејот на град Скопје...

 

Организаторот на „Скопско лето“, Дирекцијата за култура и уметност, се пофали дека и годинава манифестацијата го задржува програмскиот квалитет, но и квантитет. Она што може првично да се издвои од содржините, се концертот на Македонската филхармонија со композиторот Никола Коџобашија под наслов „Етиди за оркестар и други обични сеќавања“, потоа концертот „На изворите“ со композиции од жени композитори, операта „Кавалерија рустикана“ која исто така ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, концертот на виолинистите Олег и Ана Кондратенко, концертот на групата „Синтезис“ кој ќе претставува промоција на нивниот нов албум „Идентитет“, изложбата „Автореференца/Самиронија“ на ДЛУМ, концертите на квартетот „Баце“ и етно-групата „Баклава“... И годинава на „Скопско лето“ ќе се одржат неколку премиери, меѓу кои на претставите „Хасанагиница“ на Албанскиот театар и „Коза или која е Силвија“ на Драмскиот театар од Скопје, потоа премиера на балетски проект со кореографи од Македонија и Германија, на операта „Старата мома и крадецот“ од Меноти на Македонската опера и балет, премиера на документарниот филм „Калеидоскоп“ на Сандра Ристовска...

Следејќи ја традицијата, двете редовни содржини „Кафе-кино“ и „Блуз и Соул“ фестивалот и годинава се дел од манифестацијата. „Кафе-киното“ чии филмски прикажувања ќе се случуваат во Забавниот парк „Луна“ ќе трае од 10 до 19 јули, додека „Блуз и Соул“ фестивалот годинава ќе се одржува во две вечери, на 2 и 3 јули, кога ќе настапат четири блуз групи од Македонија, САД, Германија и Англија.