Цело лето култура на отворено

Плоштадот Македонија, Кејот на реката Вардар, Старата скопска чаршија се дел од локациите на кои во следните четириесет дена ќе има концерти, опери, перформанси, изложби

 

Концерти, театарски и  балетски премиери, оперски изведби, мултимедијални проекти, блуз-настапи ќе бидат дел од богатата програма на манифестацијата Скопско лето, која ќе биде отворена утревечер во 20.30 часот со голем симфониски концерт на плоштадот Македонија. За почетокот на манифестацијата, која ќе трае до 31 јули, ќе настапи Симфонискиот оркестар FAME’S со музика од американски, италијански и француски филмови. Првиот ден од Скопско лето ќе биде исполнет и со полноќни концерти на домашни бендови, кои ќе свират на отворено по повод 21 јуни - Денот на музиката.

МУЛТИМЕДИЈАЛНИ ИЗВЕДБИ

Плоштадот на Скопје, кејот на реката Вардар, Старата скопска чаршија, платото пред Домот на АРМ, тврдината Кале, Музејот на град Скопје, Националната галерија ќе бидат локациите на кои во следните четириесет дена своите дела ќе ги претстават музичари, театарски и оперски уметници, блуз-изведувачи, ликовни творци од нашата земја, како и од САД, Франција, Велика Британија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Турција и од Австралија. Според најавите од Дирекцијата за култура и уметност, која го организира Скопско лето, на манифестацијата годинава ќе преовладуваат мултимедијални проекти што ќе се изведат на отворено.Ја продолжуваме традиција и квалитетот што досега ги постигна Скопско лето. Со некои програмски содржини ќе одиме и чекор напред, така што на голема врата ќе влезат мултимедијални проекти, перформанси, истражувања во областа на уметноста кои со години Скопско лето сака да ги има. Ќе ја продолжиме и зголемиме иницијативата за што повеќе и што поголеми ансамбли да настапуваат на отворени простори. Се надеваме дека публиката и летово ќе ужива во изборот на програмите - најави Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност.Меѓу гостите на Скопско лето ќе биде и Иван Илиќ, диригент од Србија под чија палка ќе се одржи концертот за отворањето. Тој истакна дека манифестацијата е значаен меѓународен културен настан. Се радувам што сум дел од Скопско лето. Оваа манифестација, со својата програма и со листата на учесници, го заслужува вниманието на публиката од сите земји во регионот - рече Илиќ.Пред официјалното отворање на Летото, во Чифте амам ќе биде отворена изложба со дела од Струмичката ликовна колонија. Во соработка со Националната галерија на Македонија, во следните денови во рамките на манифестацијата ќе бидат отворени изложби на полски плакати, мозаици од Струмичката колонија, како и дела од Дубравко Наумов и од Ведран Бојановски. Изложбата на дела од Струмичката ликовна академија, која е една од најзначајните кај нас, ќе биде одлична можност за да се погледнат делата од основоположниците на нашата ликовна уметност па се' до современите творци - рече Маја Крстевска од Националната галерија на Македонија.

ТЕАТАРСКИ,БАЛЕТСКИ И ОПЕРСКИ ПРЕМИЕРИ

Годинава музиката ќе биде најзастапена,при што ќе има дваесетина концерти на домашни и на странски изведувачи. Македонската филхармонија ќе настапи заедно со Кирил Џајковски, групата „Синтезис“ ќе одржи концертна промоција на својот нов албум „Идентитет“, виолинистите Ана и Олег Контраденко и пијанистката Марија Вршкова ќе имаат прв заеднички концерт, етногрупата „Баклава“ ќе настапи на скопската тврдина. Во театарскиот дел од програмата, скопскиот Албански театар премиерно ќе ја изведе претставата „Хасанагиница“ во режија на Сашо Миленковски, а премиера ќе има Драмскиот театар, на претставата „Коза или која е Силвија“ во режија на Дино Мустафиќ. Во Македонската опера и балет премиерно ќе биде изведена и операта „Старата мома и крадецот“ од Џан Карло Меноти, во режија на Уши Хорнер. Специјално за Скопско лето првпат ќе биде претставен и балетски проект со три едночинки на Маријана Савовска, Ивана Коцевска, Линда Весинг.Традиционално на 2 и 3 јули во летниот клуб „Хард рок“ ќе се одржи фестивалот „Блуз и соул“. Ќе настапи Венко Серафимов со својот бенд „Блузфејкес“, а светската блуз-сцена ќе ја претстават Ленце Лопез од САД, „Блуз компани“ од Германија и триото на Мет Шофилд од Англија.Во летното кино во Градскиот парк од 10 до 19 јули ќе се одржи и вообичаеното „Кафе-кино“, со филмови од светската и од домашната продукција.

Тоше Огњанов