Битола како домаќин на манифестацијата "Град на културата за 2008 година" 10 јуни ќе го прослави со промоции, музика, театар, жонглери...


Денот на културата на Република Македонија - 10 јуни, денеска во Битола како град на културата ќе се одбележи со неколку активности.
Централен настан ќе биде промоцијата на монографијата "40 поклоненија пред гробот на Св. Кирил Филозоф во Рим" од авторите Вера Стојчевска Антиќ, Славе Николовски Катин и Епископ Климент, како и претставувањето на џепното издание "Свети Климент Охридски" од Стојчевска Антиќ. Промоциите се закажани за денеска (12 ч.) во Салата за промоции на Библиотеката "Св Климент Охридски", која е главен носител и организатор на повеќето културни манифестации во градот како домаќин на манифестација.

Промотори на книгите ќе бидат Анета Стефановска и д-р Николче Велјановски.

Манифестацијата во Битола ќе биде одбележана и со настапи на културно-уметнички друштва, со изложба на битолските уметници во "Магаза", со работилница на ракотворби, музика, претстава, а славењето ќе финишира со жонглери и акробати од Баскер фест и со промоција на албумот на Душко Јаневски.

Ден на културата низ Македонија
Манифестацијата "Ден на културата ..." годинава ќе биде реализирана и во општините: Радовиш, Сарај, Пробиштип, Македонски Брод, Демир Капија и Ново Село. Програмата ќе биде реализирана во различни сфери: музика, театар, филм, изложби... - Театрите, музеите, изложбените салони, но и плоштадите низ Македонија, ќе станат места на кои ќе се реализира годинашната програма, велат од Министерството за култура.

(А.Ј.)