До 7 јуни во Музејот на град Скопје траат архитектонско-уметнички, филозофски дебати

Катерина Богоева-Utrinski vesnik

Градот Скопје неделава е во фокусот на вниманието на архитектонско-уметничкиот, филозофски форум, кој почнувајќи од 2 до 7 јуни се одржува на тема „Град и идентитет“, во организација на архитекти од Македонија, Австрија, Хрватска и Италија. Вечерва во Музејот на град Скопје во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Име без Град“ на архитектот Иван Мирковски, а свои излагања ќе имаат Габриеле Рајтерер од Австрија и Инес Толич од Хрватска, Италија, како и архитекти, гости од Македонија.

Учесниците архитекти, теоретичари, професори и истражувачи, според своите искуства со архитектурата во градовите во светот, дебатираат и ги разгледуваат можостите за архитектонски развој на Скопје, кој по земјотресот во 1963 година сеуште во светот е познат како „град на солидарноста“.

„Најважно на собиров е да се отворат некои заборавени прашања, да се формира подиум каде експертите на тоа поле, но и обичните граѓани ќе можат да се собираат и да дискутираат за проблемите, тотално ослободени од политичките и субјективните размислувања околу тоа, кој на која позиција е или кој што мисли за градот. Затоа повикавме странски гости кои досега не биле во градот, да раговараат со отворена мисла. Би сакале оваа манифестација за 10 години да придонесе и за промени на физички план, да придонесе за подигање на свеста кај граѓаните за градот на едно друго ниво “, вели младиот архитект Иван Мирковски, асистент на Техничкиот универзитет во Виена. Според него, приказната за Скопје како град на солидарноста е последната сламка за која тој се држи во светската историја. “Градот по ништо друго не бил познат, а со изградбата во 1965 требало да биде пример на светските нации како една ладна војна во тоа време, можела да се среди. Ако почнуваме да го забораваме тоа што се правело тогаш и се враќаме на минатото од 60 - тите години па наназад, тогаш ние всушност таа приказна ја фрламе во корпа. Јас сум за тоа приказната од 1963-та да се промовира и понатаму како идеја, но не да се реализира целосно планот на Кензо Танге, туку преку овој форум да разговараме за градот, за да се подготвиме да превземеме конкретен чекор во урбанизмот. Скопје и не е преполн град. Видете го на пример, бришаниот простор меѓу Вардар и Новата железничка станица, во самиот центар кој дозволува да се прават големи работи кои ќе бидат важни за урбанизмот“ , посочи Мирковски.

Тој имал можност неодамна и да разговара на оваа тема со светски познатиот, архитект од Белград Богдан Богдановиќ, а визуелниот материјал беше прикажан на отворањето на Форумот. Богдановиќ кој не прифатил поради здравствени причини да дојде, меѓу другото вели:

„Скопје е град личност. И Белград беше, но веќе не е, сега е личност во распаѓање.Скопје има ритуална димензија, тој е жив, динамичен град“. Запрашан за мислење, посочува дека зградата на Стариот театар чија обнова е започната, не ја сметал ни претходно за архитектонски вреден објект.

Историчарката на архитектурата Инес Толич е дел од организацискиот тим на Форумот, заедно и со архитектот Сергеј Никуљски и со проф. Елизабета Аврамовска од Архитектонскиот факултет во Скопје. Живее во Венеција( родена е во Хрватска) каде извесен период работи на докторат за реконструкција за Скопје. Вели дека тешко доаѓа до потребните материјали кои говорат што се случувало во него по земјотресот. Ја води студентската работилница каде се анализираат проблемите и се нудат можни решенија.

„Скопје е интересно бидејќи е полн со живот. Луѓето секогаш седат надвор, ги користат јавните простори кои се голем потенцијал, но треба да се најдат начини тоа и да се регулира за да има поголем ред“, смета Толиќ, која е за актуелизирање на културата на живеење на јавни простори. Во нив, поради климата, вели дека лежи и убавината на југот.

Утревечер на подиумските дискусии на „Форум Скопје“ ќе учествуваат и архитектите Билјана Стефановска, Максимилијан Хармут и Клаудиа Фараоне кои работат во странство, како и архитекти од Македонија.