ВО ПАРКОВИТЕ ВО СКОПЈЕ

Уметност во природа

"Академија -отворена уметност" е проектот со кој се планира заживување на парковите со културни содржини. Шетате по парк и следите некоја содржина од областа на уметноста, музиката... Уметниците со своето творештво ќе го разбиваат секојдневието на скопјани прво во Градскиот парк, а потоа и во останатите паркови


Шетате во Парк и проследувате некоја културна содржина. Ова е идејата за создавање на "Академија-Отворена уметност", со цел да се нуди перманентна култура за посетителите во скопските паркови. Замислено е уметници да творат на отворено, да сликаат, да изведуваат театарски претстави или музички и сценски настапи. Идејата ја промовира Македонскиот центар за култура и развој (МЦКР), кој ги повика уметниците да се вклучат во проектот и да придонесат со свои идеји за збогатување на содржините што ќе им ги понудат на посетителите, со што тие би можеле културно да се облагодарат.

- Парковите во секој град се места за комуникација и размена на длабока енергија меѓу луѓето и природата. Заживувањето на парковите во Скопје со соодветни културни и уметнички програми, настани и активности кои ќе се вклопуваат во вкупниот амбиент и ќе ја дополнат природата со уметничко значење, при што прошетките низ парковите ќе добијат дополнителен квалитет е основата на оваа долгорочна програма, вели Нелко Нелковски, претседател на МЦКР.

Скопјани велат дека вакво нешто и тоа како им е потребно, за да се разбие монотонијата во градот.
- Би било забавно и корисно да се реализира идејата. Тоа е добра работа природата да се искомбинира со уметноста, за која луѓето или немаат време или немаат пари, вели скопјанецот Илија Трајановски, кој често го посетува Градскиот парк.

Првата фаза од реализацијата на програмата е насочена кон Градскиот парк во Скопје, од рампата кај Луна паркот до Езерото, каде ќе се развие широка уметничка зона во која ќе бидат сместени уметностите - музика, театар, сликарство, скулптура, форум - како место за дискусии и академија - како место за философија. Слични содржини се планираат и во останатите паркови во главниот град.

(М.Г)