Во Чифте-амам „Денови на културата на Пуља во Скопје“

Скопје, 21 април (МИА) - Со изложба на дела од млади италијански уметници насловена „Виножитото на Пуља“, вечер во галеријата во Чифте-амам ќе биде отворена манифестацијата „Денови на културата на Пуља во Скопје“.

По тој повод регионалниот министер за Медитеран мир и културни активности на регионот Пуља Силвија Годели престојува во посета на Република Македонија. Таа денеска ќе се сретне со македонскиот министер за култура Арификмет Џемаили.

По отворањето на изложбата во галеријата во Чифте-амам ќе се одржи концерт на класична музика на кој ќе настапат виолинистот Леонардо Микучи и пијанистот Франческо Базанизи. Изложбата ја организира Музејот на современа уметност „Пино Паскали“ од Полињано и на неа ќе бидат изложени дела од Микеле Кароне, Кристина Бари, Гилермина ди Џенаро, Даниела Курбашио, Клаудио Кулатели, Микеле Џијангранде, Џузепе Теофило и други.

Во Кинотека на Македонија утре ќе се одржи состанок за соработката меѓу Пуља и балканските земји за поддршка на развојот на филмската индустрија. Според најавите, во Кинотеката ќе се одржи и кратка филмска ревија на дела од режисери од Пуља. рп/паг


Речник на црковнословенскиот јазик

Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска напладне ќе биде промовиран Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција.

Промоцијата на ова ретко издание се реализира во рамките на манифестацијата Година на македонскиот јазик, а трудот ќе го претстават проф. д-р Емилија Црвенковска и проф. д-р Димитар Пандев од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. (Н.П.)



Изложба на fотографии од Бугарија

  Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска во 14 часот ќе биде отворена изложба на фотографии под наслов „Погледни ја Бугарија”, чиј автор е Георги Величков.

Ќе бидат презентирани 30 дела во голем формат, кои ја претставуваат земјата, фотографии на природни реткости и одредени културно- историски споменици. Изложбата претставува импресионистички поглед од страна на авторот на не многу популарните места, а досега е презентирана и во Софија. (К.Б.)Утрински весник