логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Мајското чествување во знакот на „Астерфест“ симболично започнува со роднокрајниот автор-режисер Бранко Ставрев и со неговиот краток и документарен филмски опус. Вечерва со почеток во 19:30 час. во малата сала на НУЦК „Антон Панов“ ќе бидат прикажани четирите кратки филмови на Ставрев: „Очи“ (1969), „Човек во црно“ (1970), „Село во срцето вселено“ (1987) и „Змиска пепел“ (1993). ОЧИ е 11-минутен краток игран филм по сценарио на Гане Тодоровски, со Маргарита Урдин во главната улога. Тоа е филм за некои внатрешни состојби на човекот: радост, болка, молба, страв, прикажани преку расположението на едно девојче, поточно преку нејзините очи. Нишката што ги поврзува сите тие состојби во филмот е една топка, со која девојчето си игра кога е среќно, а, пак, кога ја нема, тоа е тажно. Во моментите на страв, девојчето не може да воспостави комуникација со луѓето, зашто топката ја нема. ЧОВЕК ВО ЦРНО е 10-минутен краток игран филм со Илија Милчин во главната улога. Порака на филмот е дека на луѓето им треба водач. Нив некој мора да ги води, па макар тој бил и болен. Човекот во црно стои на автобуска станица и секој што доаѓа го опоменува да застане во редот. Редот е сè подолг. Кога пристигнува автобусот, човекот ги пропушта луѓето од редот да влезат пред него, а кога тој се подготвува да влезе, доаѓаат болничари и го одведуваат. Овие два филма се своевидни бисери од ризницата на некогашниот „Вардар филм“. СЕЛО ВО СРЦЕТО ВСЕЛЕНО (29 мин.) и ЗМИСКА ПЕПЕЛ (40 мин.) се ширум наградувани филмови коишто на специфичен начин ја изразуваат документаристичката поетика на режисерот Бранко Ставрев. Во ЗМИСКА ПЕПЕЛ учествуваат Бранко Божиновски и Зора Георгиева, а сценариото на СЕЛО ВО СРЦЕТО ВСЕЛЕНО е на Мето Поповски. Бранко Ставрев е еден од ретките македонски режисери кој со успех работел во сите медиуми, а оваа филмска тетралогија на посебен начин го прикажува неговиот сенс за суптилно визуелизирање на интимни, но сепак митски човечки теми и мотиви. Вечерашната проекција е овозможена во соработка помеѓу Тивериополската филмска алијанса, Кинотеката на Македонија и МТВ.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport