За престижната награда во Кан повторно ќе се борат Мајк Ли, Кен Лоуч, браќата Дарден, Нури Билге Џејлан, Дејвид Кроненберг

Сунчица Уневска

Во трка за „Златна палма“ на годинешниот 67. „Кански филмски фестивал“, кој ќе се одржи од 14 до 25 мај, повторно се најдоа голем број култни филмски автори. Меѓу нив се: Мајк Ли, Кен Лоуч, браќата Жан Пјер и Лик Дарден, Дејвид Кроненберг, Нури Билге Џејлан, но и легендарниот француски режисер Жан Лик Годар. Во конкуренција се 18 филма, додека се' на се' во официјалната програма на фестивалот ќе бидат претставени 49 филме' од 28 земји, со тоа што дури 15 се во режија на жени. Некако, се чини дека годинава кога на чело на жирито е новозеландската режисерка Џејн Кемпион, која досега е единствената жена што има добиено „Златна палма“, сепак, ќе биде ставен поголем акцент на присуството на авторките.

Филмовите во трка за престижната награда годинава доаѓаат од: Франција, Велика Британија, Белгија, Русија, Турција, како и од Америка, Канада и Јапонија. Големите британски магови на филмот, Мајк Ли и Кен Лоуч, кои се и добитници на „Златна палма“, ќе се претстават со два биографски филма. Мајк Ли се навраќа на почетокот на 19 век и на животот на големиот англиски сликар Џозеф Тарнер во филмот насловен „Господин Тарнер“, додека Кен Лоуч, повторно раскажува приказна за политички активист, Џими Гралтон, во времето на 1930-тите години во филмот „Холот на Џими“.

Познатиот предводник на францускиот „нов бран“ во 1960-тите години, 84-годишниот Жан Лик Годар влезе во главната конкуренција со филмот направен во 3-Д „Збогум на јазикот“. Годар, кој досега шест пати бил во трка за „Златна палма“, последен пат беше во Кан пред четири години со „Филм за социјализмот“. Но, тука се и двојните добитници на „Златна палма“, браќата Дарден, за чиј филм „Два дена, една ноќ“ велат дека е првиот белгиски вестерн. Додека, канадскиот режисер Дејвид Кроненберг, кој досега четири пати се натпреваруваше за награда, овој пат доаѓа со филм посветен на Холивуд. Во „Патокази до ѕвездите“ тој прави необичен поглед на Холивуд и на западната култура. Во овој филм играат: Џулијана Мур, Кери Фишер, Роберт Патинсон, Миа Васиковска.

Повторно во главната програма се најде и познатиот американски актер, Томи Ли Џонс, кој беше во официјална конкуренција во 2005 година со „Трите погреби на Мелкијадес Естрада“. И сега, Томи Ли Џонс доаѓа со необичен филм за патувањето на три ментално болни жени од Небраска во Ајова, насловен „Homesman“. Покрај Ли Џонс, во филмот играат и: Хилари Свонк, Миранда Ото, Џон Литоу, Мерил Стрип.

Турскиот автор, пак, Нури Билге Џејлан со филмот „Зимски сон“ ќе се најде седми пат во трка за „Златна палма“. Меѓу другите познати автори се и: Атом Егојан со „Заробеник“, Наоми Кавасе со „Смири ја водата“, Хавиер Долан со „Моми“, Бенет Милер со „Ловец на лисици“, Бертран Бонел со филмот за познатиот моден дизајнер „Ив Сен Лорен“, па Мишел Азанависиус, авторот на многу успешниот „Уметник“, кој овој пат доаѓа со „Потрага“ за војната во Чеченија, па се до Андреј Звагинцев и „Левијатан“.

Годинава на фестивалот во Кан како специјална проекција ќе биде прикажан омнибусот „Мостовите на Сараево“, филмот кој го иницираа „Обала арт Центар“ и „Сараево град на филмот“ заедно со француската продуцентска куќа „Синетеве“ и во копродукција со повеќе европски земји. Меѓу режисерите кои ги потпишуваат кратките филмови во овој омнибус е и Жан Лик Годар, но и: Аида Бегиќ, Камен Калев, Сергеј Лозница, Урсула Мејер, Владимир Перишиќ, Кристи Пуиу, Тереза Вилјаверде и други. Инаку, од регионот во официјалната програма во категоријата „Синефондејшн“ (каде што филмовите ги пријавуваат филмските школи) влезе српскиот филм „Лето без месец“ на Стефан Иванчиќ, кој е направен под менторство на Срдан Голубовиќ.

И да потсетиме дека фестивалот годинава се отвора на 14 мај, и тоа со филмот на Оливие Дан (кој го потпиша и биографскиот филм за Едит Пјаф) насловен „Грејс од Монако“. Во оваа драма посветена на животот на принцезата Грејс Кели, главните улоги ги играат Никол Кидман и Тим Рот.